Заврши откупот на тутунот од ланската реколта

Заврши откупот на тутунот од минатогодишната реколта. Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), откупени се над 25,2 милиони киограми тутун по просечна откупна цена од 214,24 денари за килограм, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од  откупните компании кон тутунопроизводителите се исплатени над 5,3 милјарди денари денари или 98,24 отсто од откупениот тутун. Од ДИЗ посочуваат дека откупот на тутун заврши во рамки на законскиот рок, заклучно со 15. месецов и се одвивал непречено.

Во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство низ државата во тек е вадење евидентни листови, како лиценци за годинашното тутунопроизводство. Од Платежната агенција веќе информираа дека штом завршат сите административни процедури околу контролите, ќе следи и исплатата на субвенциите за производителите на тутун.

Во реколтата 2018 се засеани 14.802 хектари со тутун, а се склучени 34.104 договори со девет откупни претпријатија. Подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пријавија 23.430 издадени евидентни листови. Вкупната договорена количина за откуп изнесува над 29.000 тони тутун. Споредено со реколтата 2017, за производство на тутун 2018-та се издадени 57 евидентни листови повеќе од 2017, и се склучени над 4.700 повеќе договори. Зголемување има и на засадените површини со тутун, и тоа за 387 хектари.

-За зголемениот интерес големо влијание имаше високата откупна цена на тутунот од реколтата 2017 која изнесуваше 217,60 денари за килограм, како и новиот модел на зголемени субвенции според кој субвенцијата за прва класа е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи,  наведува МЗШВ.

Новата производствена реколта ќе стартува според постоечкиот Закон за тутун и тутунски производи, односно и оваа година ќе се издаваат евидентните листови односно т.н „бели картони“.