Заврши протестот на Клинички, синдикалците ќе преговараат со премиерот Заев

Четиридневниот протест на вработените во Клиничкиот центар заврши. За околу две недели, синдикатот ќе преговара со премиерот Зоран Заев за изедначување на процентот на платите за сите медицински работници. Велат, селективното зголемување доведува до раздор меѓу вработените, а тоа најмногу ќе го почувствуваат пациентите.

Ресорниот министер Филипче веќе оствари средба со здравствените работници, но рече оти за 2019-ти година е достигнат максимумот за покачување на платите. Им закажа средба со премиерот.

Влегуваме во преговори за платите кои се нашиот најбитен дел од барањата. Незадоволството на вработените на Клиничкиот центар е поради тоа, што тие коефициенти, проценти на покачување за 2019-ти година не се соодветно и еднакво распоредени, изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на синдикатот на Клинички центар.

Најавеното зголемување на цената од 500 денари за месечен паркинг билет за вработените  ги поттикна здравствените работници на протест. Градските власти и ресорот бараат начин паркингот да се врати на комплексот „Мајка Тереза“ и Клиничкиот центар да управува со него.