Заврши распитот, притворот за 13-мина од приведените

Притвор за повеќе од половината приведени во Кривичниот суд, реши судијата во претходна постапка, за тринаесет лица е одреден 30- дневен притвор, за шестмина е одреден  куќен притвор, на овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет во наредното деноноќие.

На 13-мина од приведените за собраниските настани од 27- ми април, судија на претходна постапка им одреди по 30 дена притвор. Шестмина се во куќен. Од скопскиот Кривичен суд информираа дека на распит биле спроведени 24-ца.

Како што соопшти Судот, во притвор се поранешниот прв човек на бирото за јавна безбедност, двајца полициски службеници, уметници. Против овие неправосилни решенија, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет во рок од 24 часа по приемот. Еден од адвокатите на приведените вели, судот има двојни аршини.

„Поднесовме жалба бидејќи сме незадоволни и бидејќи утринава, дека до пет часот бевме тука, забележавме дека постои двоен аршин при одредувањето на притвор. И покрај тоа што даваме критики и ние, и правни експерти и Прибе, конкретно за притворот, за досегашниот начин на работа на судиите, од вчера и од денес гледаме дека има двоен аршин- за некого е куќен притвор, за некого е ефективен притвор во Шутка, а за исти или приближно исти обвинувања“, изјави адвокатот Душко Јанковиќ.

За пратениците, судот од Собранието ја чека одлуката за имунитетот. За другите лица кои се опфатени во предлогот, а не беа спроведени пред судијата на претходна постапка, судот сѐ уште не добил известување за причините поради кои не се приведени, соопштија од скопскиот Кривичен суд. Уште 12 се недостапни. Обвинителството издаде наредба за приведување на 36 лица за кривичното дело- терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.