Во познатото македонско древно светилиште Бигорскиот манастир и неговиот метох, манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, заврши шестиот од деветте летни кампови по веронаука што ќе се оддржат ова лето.
Според сестрите од манастирот во Рајчица, оваа недела Бигорски и Рајчица ја поминале во атмосфера на детска радост и љубов.
Вкупно 43 дечиња од Ресен, Тетово и Скопје ја надополнуваа благодатната летна хармонија во манастирите. После петдневниот престој исполнет со молитва, послушание, веронаука, забава и дружење, децата имаа заедничка средба со нашиот, архимандрит Партениј, на кого му ја искажаа сета своја одушевеност и благодарност. Пред испраќање, архимандрит Партениј уште еднаш ги посоветува да бидат проповедници на љубовта Божја, апостоли меѓу нивните другарчиња и роднини, на кои, преку добрите дела и радоста, ќе им покажат дека Бог навистина е љубов, велат сестрите од Рајчица.
Ова лето ќе се одржат вкупно девет летни кампови по веронаука. До сега во двата манастира престојуваа над 220 деца од повеќе градови од државава. Во текот на петдневниот престој тие се запознаваат со највозвишената наука за Бога, знаењето за љубовта, верата, надежта, радоста, а учествуваат и во практични манастирски задолженија.
Во среда почнува седмиот летен камп, кога манастирски гости ќе бидат деца од Прилеп.