Мировната конференција за Сирија во руското црноморско одморалиште Сочи заврши во вторникот со заедничка изјава во којашто се повикува на одржување на демократски избори, но делови од сириската расцепкана опозиција велат дека останале неисполнети нивните клучни барања.
Учесниците се договориле за формирање комисија којашто ќе го состави новиот текст на уставот на Сирија, на конференцијата за којашто опозициски групи поддржани од Западот велат дека служи за интересите на сирискиот претседател Башар ал-Асад и неговиот сојузник Русија.
Во завршната изјава се наведува дека Сиријците сами на изборите мора да одлучат за својата иднина, но опозициски групи велат дека не е прецизирано ништо дали на нив ќе може да учествуваат и сириските бегалци, како што бара вооружената сунитска опозиција и нивните поддржувачи од Западот.
Исто така, во документот се повикува на зачувување на безбедносните сили без барање тие да бидат реформирани, а што претходно го бараа некои опозициски групи.
„Оваа конференција е скроена за Асад и за неговиот терористички режи. Изјавата од Сочи воопшто не нѐ интересира и за неа не е вредно ниту да се разговара“, изјавил за Reuters Мустафа Сеџари, висок офицер на Слободната сириска армија (FSA) составена од пребегнати сунитски редовни војници чиешто водство е во егзил, а нејзините дејствија беа и се ограничени само на северот од Сирија.
Русија е домаќин на собирот наречен Сириски конгрес за национален дијалог во Сочи. Откако со својата интервенција во седумгодишниот сириски конфликт го промени текот на судирот особено во борбата против џихадистичката организација Исламска држава, се наметна како мировен посредник на Блискиот исток. Од почетокот на минатата 2017 година заедно со Турција и Иран, Москва влијаеше врз воспоставувањето на стотиците ткн „зони на деескалација“ на примирје меѓу бунтовничките сили и владината војска и го водат мировниот процес во казахстанската престолнина Астана.
Меѓутоа, под притисок на Западот конференцијата во Сочи ја бојкотираа одредени челници на сириската опозиција, а САД, Велика Британија и Франција не се одѕваа на поканата, поради тоа, како што тврдат, дека сириската влада не се ангажирала доволно на постигнување на мирот.
Западот го поддржува мировниот процес кој се води под покровителство на Обединетите нации а кој поради несогласувањата на сириската опозиција досега и по повеќе од три години не доведе до никакво напредок за постигнување мир во Сирија. Последната рунда од овие преговори се одржаа во Виена минатата седмица.