Зборот македонски се брише и ќе ги нема повеќе термините македонски јазик и македонска книжевност

Во Програмата за работа што ја понудила актуелната деканка на Филолошкиот факултет Анета Дучевска за нејзиниот втор мандат од 2020 до 2023 година, предлoжила единаесетте катедри да се заменат со 5 отсеци и според претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, ниеден од нив не го содржи зборот македонски, односно ги нема повеќе термините македонски јазик и македонска книжевност. Дучевска не предложила во програмата што ќе се случи со постојните катедри, дали ќе се укинуваат или ќе се преименуваат.

Ова го открива денеска претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, во колумна за „Нова Македонија“. Тој меѓу првите алармираше дека се укинуваат двете значајни катедри за македонски јазик и македонска книжевност, при што беше остро нападнат дека шири лажни вести. Во денешната колумна Коцарев пишува дека таквиот чин би предизвикал лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката и дека тоа ќе резултира со гаснење на многу катедри и отсеци низ светот каде што се учи македонскиот јазик и книжевност.

 

Коцарев, пишува дека се брише сè што носи македонско име и се урива македонистиката на Филолошкиот факултет.

„Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам. Се брише сѐ што носи македонско име, се урива македонистиката на Филолошкиот факултет. Темелникот на македонската државотворност. Жалосно. На основа на што беа изнесени овие тврдења? Еве ги фактите. Во 2020 година, професорка од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици предлага програма за работа на деканот на Филолошкиот факултет и со таа програма таа е избрана за декан на факултетот во периодот од 15 септември 2020 година до 14 септември 2023 година. Таа програма е архивирана, поделена до сите професори на факултетот, и претставува документ врз основа на кој професорката е избрана за декан. Во програмата се предлагаат ‘реформи‘ на факултетот, при што структурата на факултетот од 11 катедри (од кои две се катедрите за македонски јазик и македонска книжевност) се заменува со структура од 5 отсеци (од кои ниеден не е отсек за македонски јазик и книжевност). Да повторам, за да нема забуна, станува збор за документ со наслов Програма за работа на деканот на Филолошкиот факултет во мандатниот период 15.09.2020 – 14.09.2023. Во програмата се предлага структурата на факултетот на првото, највисоко ниво, да не го содржи зборот македонски (ги нема повеќе термините македонски јазик и македонска книжевност). Уште повеќе, во програмата не пишува што ќе се случи со постојните катедри. Меѓутоа, дали тие ќе постојат или воопшто нема да постојат, по мене е ирелевантно прашање“, смета Коцарев.

Одговорот на прашањето, додава тој, не го менува фактот дека на првото, најважно ниво, зборот македонски се брише и ги нема повеќе термините македонски јазик и македонска книжевност.

„Што се случи потоа? Професорите од Катедрата излегоа со став дека ‘не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност‘. Оставам читателот сам да пресуди за точноста на ова тврдења. По мое мислење, македонските катедри треба да имаат ексклузивен статус, тоа треба да се катедри од посебен национален интерес. Пошироко гледано, клучно прашање тука е каков е односот на политичарите, од една страна, и на научниците и уметниците, од друга страна, спрема македонскиот јазик“, пишува претседателот на МАНУ.