Државниот санитарен и здравствен инспекторат информира дека вчера од подрачната единица на инспекторатот е извршен вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница Штип во врска со починатата пациентка од ковид 19.
„Согласно констатираната фактичка состојба со решение му е наредено на директорот на здравствената установа веднаш да се состане Комисијата за следење на квалитет која ќе ја утврди фактичката состојба за спроведеното лекување на пациентката и околностите кои довеле до смртен исход“, се вели во соопштението.
Решението, како што е соопштено вчера од инспекторатот е доставено по електронски пат, а денеска и во хартиена форма.
„Директорот е задолжен во рок од три дена, писмено да го извести ДСЗИ за наодот од извршената контрола на комисијата“, информираат од Државниот здравствен инспекторат.
Независно од работата на Комисијата, денеска ДСЗИ ќе иницира стручен надзор над работата на здравствената установа и здравствените работници во врска со третманот на пациенката, до министерот за здравство.
Државниот здравствен инспекторат информира и дека стручни надзори за пациенти починати од ковид 19, за последните два месеца се иницирани и за пациент од Свети Николе, два од Струмица и од Ресен. Во тек се инспекциските надзори за починатите пациенти од Тетово Кавадарци, Битола и Крива Паланка.
Од страна на ДСЗИ, во наредниот период ке бидат извршени и надзори за уште четири пациенти починати од ковид 19.