Зголемување на платите на здравствените работници за 30 проценти, четири отсто инфективен додаток, корекција на Колективниот договор, бенефициран стаж и поголема заштита за здравствените работници, се барањата кои Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) денеска ги упати до властите.
Секторот за здравство при КСОМ, како што информираше Гоце Делчев, главен генерален координатор на сите независни синдикати во конфедерацијата, донеле одлука денеска и утре во 30-ина здравствени објекти да има организирани протести. Протестите, чија цел како што велат од КСОМ е да се искаже незадоволството поради неисполнетите барања, се одржуваат во кругот на здравствените установи и се за време на паузата што ја имаат вработените.
Од КСОМ им дадоа рок на властите до среда да им дадат одговор на барањата и да ги повикаат на средба на која ќе се разговара околу решавање на проблемите. Во спротивно, велат од КСОМ, наредниот петок протестот ќе биде пред Министерството за здравство.
За по три недели, од КСОМ најавуваат протестен марш на здравствени работници, ако немаат дотогаш позитивен одговор на барањата.
Лазе Костовски, претседател на Независен синдикат на геријатрија, рече дека во изминатиов период се вршел притисок врз нивни членови во одделни здравствени установи. Целта на притисоците, како што нагласи, била да се оттргнат од протести.
„По мое лично мислење, министерот не е вмешан во тоа, вмешани се некои други синдикати, чии членови преминуваат кај нас. Доколку не престанат притисоците, ќе поднесеме тужби“, најави Костовски.