Здравствените установи ќе работат редовно и за Денот на дрвото. Министерството за здравство информира дека во среда (2 -ри декември), кога ќе се спроведува акцијата „Ден на дрвото“, редовно ќе работат сите јавни здравствени установи во државата и ќе се реализираат сите закажани прегледи и интервенции за што и ги известило здравствените установи.
Сите закажани прегледи во специјалистичко-консултативни амбуланти, кабинети за снимања и други дијагностички процедури, како и закажаните хируршки интервенции нема да бидат одложени, и за таа цел на установите им е наложено да ги преземат сите организациски мерки овие прегледи и интервенции да бидат непречено изведени, соопшти Министерството за здравство.
Според податоците од Националниот систем за електронски евиденции во здравството МојТермин, утврдено е дека на тој ден се веќе закажани над 8.000 пациенти во редовен термин за преглед и над 500 хируршки интервенции.
Во интерес на пациентите е прегледите и интервенциите да бидат извршени во денот кога се закажани, со цел навремено добивање на потребната здравствена услуга. Инаку, останатите служби во установите кои не се поврзани со закажани термини, ќе се приклучат на акцијата Ден на дрвото и овој ден дополнително ќе го одработат, согласно насоките од Министерството за труд и социјална политика, навдува Министерството за здравство.