Здравство: 84 отсто од хоспитализираните не биле имунизирани

Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со коронавирусот, соопшти Министерството за здравство, додавајќи дека во последните пет недели дури 20.878 граѓани или 80 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани.

„Во период од 06 август до 09 септември годинава, на територија на државата 26.053 граѓани се позитивни на ковид 19, од нив 19 отсто биле целосно вакцинирани, односно 5.175 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид 19. Според статистика за изминативе пет недели, 20.878 граѓани, односно дури 80 отсто од позитивните на ковид 19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84 отсто, додека само 16 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со ковид 19, 591 пациент (87 отсто) од починатите не биле вакцинирани, а само 87 (12 отсто) примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство“, наведено е во соопштението.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, тврди дека секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход.