Здравството е пред колапс, Филипче ја чека новата 2019-та

Граѓаните очекуваа подобри здравствени услуги, подобар здравствен систем, заедно со лекарите добија многу ветувања, но реалноста е сосема поинаква. Долга е листата на „нереформите“ во здравството, дел од лекарите не зеле плата цела година, медицинските сестри се револтирани поради ниските плати, Детската кардиохирургија се$ уште не се знае каде ќе заврши, револтирани се и матичните лекари, гинеколозите, акцелераторот за малигни заболувања не работи.

Во јавноста постојано се презентирани информации дека медицинските лица постојано ја напуштаат државата, квалитетот се намалува, дека ќе се превземат мерки, но најчесто останува на зборови,  а секогаш товарот и штетата паѓа врз грбот на пациентите, а според коментарите на граѓаните, главниот проблем е налалување на лабораториите и по вторпат распишување тендер за реангенси вреден околу 35 милиони евра, откако првиот е под истрага поради неправилности.

Дали се гледа крајот на проектот „Ало докторе“?

Цела година, 25-те ангажирани лекари во кол центарот кои деноноќно со совети им помагаат на пациентите, работат без пари. Од јануари досега не земале ниту денар, а неделно имаат повеќе од пет илјади јавувања. Петмина од нив веќе се откажале од ангажманот, бидејќи не сакаат да работат без финансиски средства. Револтираните специјалисти на здравствените власти им даваат рок од еден месец да им ги исплатат сите заостанати плати, или повеќе нема да дежураат.

Работиме со ентузијазам, но повеќе не се издржува. Доколку до крајот на декември не бидеме исплатени, од први јануари 2019 никој од нас нема да доаѓа на работа и да одговара на повиците од граѓаните, изјавија за Сител ангажираните специјалисти во Ало докторе.

Од Министерството за здравство велат дека со ребалансот на буџетот биле предвидени пари за „Ало докторе“ и ќе ги регулирале заостанатите обврски. Но лекарите велат дека тоа ветување го добивале од јуни досега.„ Ало докторе“ почна со работа на 15 септември 2014 година, дваесет и четири часа се достапни за граѓаните кои имаат потреба од здравствени совети. Со нивното четиригодишно функционирање е олеснета работата на скопската брза помош.

Претходната власт, Ало докторе го отвори со цел граѓаните од цела држава да добиваат совети за болеста и симптоматска терапија и со тоа да го растеретат притисокот на Брза помош. Првите неколку месеци, на телефонските јавувања одговараа и директорите на скопските клиники. Помош преку телефон  барале и Македонци кои живеат во странство.

Иако добија ветување покачувањето плати, за медицинските работници ова е само „купување време“

Целиот медицински персонал во јавните здравствени установи ќе добие покачување на платите од стартот на наредната година. Откако медицинските сестри се заканија дека ќе излезат на протест ако зголемените плати не ги добијат од јануари, наместо од септември 2019 година како што првично беше најавено, Филипче  најави дека прави напори да ги исполни нивните барања, успеа да го убеди неговиот колега министерот за финансии Тевдовски да го одврзе државното ќесе не само за лекарите, туку и за останатите здравствени работници од почетокот на годината.

За здравствена заштита се планирани средства во износ од 30,2 милијарди денари. Ова ниво на планирани средства за здравствена заштита, кое ќе се реализира преку Фондот за здравствено осигурување, е поголемо во однос на 2018 година за околу 1,2 милијарди денари, во најголем дел наменети за финансирање на здравствените услуги, како и за зголемување на платите на докторите специјалисти за 10 отсто почнувајќи од јануари 2019 година и за дополнителни 5 отсто почнувајќи со исплата на септемвриската плата во 2019 година. Истовремено предвидено е да се зголемат платите за 5 отсто на останатиот медицински персонал во јавните здравствени установи почнувајќи со исплатата од јануарската плата во 2019 година, стои во Предлог-буџетот.

Сепак, медицинските работници веќе се подготвени за нови штрајкови и сметаат дека ова ветување е само „купување време“  за да не го добијат ветено зголемување на платите.

Неколку пати добивме ветувања, и постојано се одложува, покрај недостиг од персонал, работиме со ресурси колку што можеме, но никако да ги добиеме ветените покачувања, нека не се прашува ниту власта ниту граѓаните зошто услугата е на најниско ниво, ние даваме колку што можеме, а чарето секојдневно гледаме и се уверуваме дека ни е надвор од оваа држава, вели сестра вработена во клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

 

Детската кардиохирургија виси на конец?

Информациите дека се разгледува можноста Детската кардиохирургија да биде префрлена во приватната болница „Филип Втори“ на Жан Митрев во јавноста роди големи полемики во однос на тоа дали ова значи деградирање на јавното здравство и стимулирање на лекарите да преминуваат во приватниот сектор.

Најавата за можно јавно-приватно партнерство меѓу јавното здравство и приватна болница за првпат се случува во Македонија, па оттаму оправдани се и дилемите во јавноста дали и колку овој систем може да профункционира во земјава, особено што неразјаснети остануваат голем број прашања околу покривањето на трошоците, капацитетот на операциите на децата на годишно ниво, како и перспективите на јавното здравство.

Во интервју за Макфакс,  Филипче објасни на кој начин би течел процесот на јавно-приватно партнерство, тврдејќи дека „во овој момент не може да се обезбеди интегриран тип на здравствени услуги кои бараат мултидисциплинарен пристап“.

Кадарот кој од Детската кардиохирургија ќе премине во „Филип Втори“, според Филипче, ќе биде платен од приватната болница, а операциите за децата ќе бидат целосно обезбедени од фондот. Тој за Макфакс демантираше дека преговарал по завршувањето на мандатот кариерата како неврохирург да ја продолжи токму во „Филип Втори“.

Недостигот од покрупни инвестиции во здравството и преминувањето кон јавно-приватни партнерства министерот за здравство го правда со фактот што сè уште се чека на изградбата на новиот Клинички центар, за кој не може да даде прецизен рок кога и каде би бил изграден.

Министерот призна  дека се соочил со суштински проблеми во неговиот сектор откако дошол на функцијата, но вели дека е задоволен од досегашната негова работа, како и од соработката со директорите на клиниките, кои беа поставени на функциите како партиски кадри.

Акцелераторот за малигни заболувања чека две години да биде поставен

Акцелераторот чека две години да биде поставен Во Градската општа болница „8 Септември“ никако да почне терапијата со зрачење за лицата со малигни заболувања. Апаратот, односно акцелераторот за терапијата, е набавен пред повеќе од две години, а бункерот каде што треба да биде монтиран апаратот уште не е целосно изграден. Градежните активности се запрени речиси една година. Објектот не е поврзан ни со атмосферска канализација, ни со електрична инсталација.

Раководителот за техничка поддршка во болницата, Зоран Алексиќ, вели дека мината недела дошол претставник од проектната единица при Министерството за здравство за да види до каде е работата на бункерот, при што му укажале дека планираат да продолжи изградбата, ама не му кажале од кога.Кога ќе биде готов објектот и кога би се почнало со зрачење, не знае ниту директорот на Градската општа болница „8 Септември“, Кристијан Костов, кој укажа дека проектот е на Министерство за здравство.

Не знаеме кога објектот ќе биде готов, не знаеме кога би почнала терапијата за зрачење. Бункерот каде што треба да биде монтиран акцелераторот е направен речиси 70 отсто, ама една година ништо не се работи, така стои. Доколку почне терапијата со зрачење, ќе се растовари Клиниката за радиотерапија и онкологија. Во ‘8 Септември’ имаме хирургија на тумори, секојдневно се оперираат абдоминални, уролошки и пациенти со тумори на дојка. Така што големо олеснување би било наместо да одат на понатамошна терапија на Клиниката да останат тука, рече Костов.

Од проектната единица за реконструкција на јавни здравствени установи при Министерството за здравство, пак, велат дека на бункерот активно се работи, а застој имало поради отежнатите услови за работа. Акцелераторот е донесен во Македонија пред повеќе од две години, а од проектната единица додаваат дека се чува во магацин според упатствата.

Вкупниот договор, посочуваат од проектната единица, со анекс за дополнителни градежни работи изнесува 56.333.821 денари. Досега реализирани се 29.270.241 денари. Изведувач на градежните активности е фирмата „АК-инвест“ од Тетово.

Инаку камен-темелникот на бункерот беше поставен на крајот на октомври 2016 година и според најавите требаше да биде изграден за девет месеци, по што во него требаше да биде монтиран акцелераторот.

 

Лекарска комора: Анекс за продолжување на договорите со избраните лекари

По неколкуте протести на матичните лекари, а и бројните недостатоци во договорите со матичните гинеколози, на средбата што се одржа вчера во просториите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Фондот и Лекарската комора на Македонија се договорија да се потпише анекс за продолжување на постоечките договори со избраните лекари, гинеколозите, педијатрите и лабараториите, што ќе се применува во наредните шест месеци, соопшти ЛК.

Во меѓувреме, преставниците на Фондот за здравство и Комората дури сега ќе формираат посебни работни групи кои ќе работат на подобрување на договорите и нивни корекции иако веќе неколку години не се потпишани нови анекси, а сето ова паѓа на штета на граѓаните и тоа посебно кај гинеколозите бидејќи многу од услугите кои треба да ги покрие здравственото осигурување, пациентите си ги плаќаат приватно.

На средбата, како што се наведува во соопштението на ЛК, со директорите на Фондот Данаил Дончев и Орхан Рамадани е договорено да се стави мораториум на договорните казни во овој период, освен за случаите кога со повредата е сторено кривично дело.

Фондот за здравство и Лекарската комора ќе продолжат со вакви активности и во наредниот период и тие ќе се одвиваат транспарентно и за нив ќе биде информирана јавноста, се додава во соопштението на Лекарската комора, но по бројните реакции во јавноста може да се заклучи дека конечно решение нема.

Министерот Филипче не се откажува од тендерите за нови лаборатории

Анализите на крв на пациентите во помалите градови ќе се прават во една болница, а крвта ќе се зема на повеќе места како и досега, во здравствените домови или центрите за јавно здравје. Во Скопје крвта ќе се испитува во централни лаборатории, во Клиничкиот центар, на Институтот за биохемија, во Градската општа болница „8 Септември“ и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Лабораториите на Гинекологија, Инфективна, Хирургија, ќе останат бидејќи таму се прават анализи специфични за својата патологија. Во Штип, наместо три лаборатории, ќе остане една централна во болницата. Министерот за здравство Венко Филипче подвлече дека се откажале од претходниот концепт да има осум централни лаборатории и крвта да се транспортира низ државата.

 Планираме да направиме систем на транспорт во градот, нема да има повеќе лаборатории во две или повеќе места во помалите места. Пациентите сè уште ќе доаѓаат на истите места да извадат крв, како на пример во поликлиниките, но крвта ќе се транспортира до болницата што е на мала оддалеченост, во согласност со критериумите на европското здружение на биохемичари. Бројот на лаборатории во клиниките ќе се преполови од 11 на пет или шест, што сметаме дека е апсолутно несоодветно. Притоа, лабораториите во поликлиниките ќе бидат распределени таму каде што ќе бидат пунктовите, места каде што најверојатно од јануари ќе има дежурни служби, пред сè педијатри, за да го намалиме притисокот кон Клиниката за детски болести во Скопје. Веќе се определени докторите што ќе бидат едуцирани од сферата на семејната медицина, рече Филипче.

Отпуштања од работа на вработените во лабораториите нема да има, тврди Филипче, оти во лабораториите и натаму ќе се зема крв од пациентите. Ако во централните лаборатории недостига кадар, ќе има прераспределба. Резултатите за брзите анализи пациентите ќе ги добиваат истиот ден кога им било земено крв, а подеталните наредниот ден.

Министерството за здравство го поништи претходниот тендер за набавка на реагенси, а Јавното обвинителството отвори предистражна постапка. Тендерот вредеше 35 милиони евра, а предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови за крв. Постапката Обвинителството ја отвори по допрен глас поради постоење индиции за неправилности.