Не сме учествувале во креирањето на програмата и политиките кои се однесуваат на лицата со посебни потреби изјавуваат од Граѓанската иницијатива „5до12“ кои ја демантираат изјавата на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска дадена во петокот при посетата на Штип.
Во продолжение следува интегралниот текст на демантот.
Мила Царовска: Иницијативата 5ДО12 е партнер на Министерството за труд и социјална политика, а беше партнер и претходно кога ја креиравме програмата.
Граѓанска иницијатива 5ДО12: Согласно закон за облигациони односи, партнерски однос се заснова на Договор меѓу правни субјекти. Во тој договор се утврдени правата, обврски и задачите на Договорните страни, вклучително и начинот на комуникација, одлучување и спроведување истите.
ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА 5ДО12 и нејзини претставници, досега не учествувале во креирањето на програмата и воопшто во креирање на политиките на Министерството кои се однесуваат на лицата со посебни потреби.
М.Ц.: Јас сум во дневна комуникација со нив, јас пред да дојдам во Штип, бев токму да ги посетам во кампот.
5ДО12: Од последниот камп па наваму, се одржа само во една работна група, на 22 јуни 2017 година, на која беше присутен претставник на иницијативата, и на која беа изложени барањата и проблемите на лицата со посебни потреби.
М.Ц.: Поразговарав и со лидерите и со сите други коишто беа присустни таму, и она што го разговаравме и она што го дадов како изјава токму пред еден месец, е преточено во законски текст, и тоа е фактичка состојба.
5ДО12: Барањата за кои беше разговарано, и беа доставени во сите ресорни министерства, се достапни на следниот линк: http://5do12.org.mk/petition/
Фактичката состојба е дека ниедно од барањата не е соодветно преточено во законски или подзаконски акт.
М.Ц.: Многу е важно да знаете дека ние секој ден работиме за унапредување на правата на лицата со посебни потреби.
5ДО12: Ништо за нас, без нас. Како граѓанска иницијатива нудиме и бараме про-активно и долгорочно учество во креирање на политиките, реализирање и супервизија на проектите кои се однесуваат на лицата со посебни потреби.
М.Ц.: Во моментов се гради центар за поддршка на дечиња со даунов синдром.
5ДО12: Центарот мора да биде согласно светски стандарди за работа со лица со Даунов синдром, и мора да подлежи да консултација и ревизија од страна на засегнатите страни, односно учество на родителите и здруженијата на граѓани за поддршка на овие лица.
М.Ц.: Во моментов во законот имаме предвидено дел за персонална асистенција, што досега не бил предвиден.
5ДО12: Персоналните асистенти мора да бидат обучени согласно светски стандарди, и да бидат способни да одговорат на потребите на корисниците, односно да посетат обуки и да се специјализираат за работа со различни категории на попреченост. Персонални асистенти се потребни во сите сфери на општественото живеење, почнувајќи од градинките, основните и средни училишта, вклучително и работа во домашни услови.