По повод 4 февруари – Светскиот ден за борба против ракот, денес Здружението за иницијативи за развој во здравството, подобрување на здравствените сервиси и застапување на пациенти – ЕЗРА, ги посети новооперираните жени на Универзитетската Клиника за Торакална хирургија во Скопје доделувајќи ги првите „Комфорни пакети за нега – Од мене за тебе“ за ново-оперираните жени, кои се специјално дизајнирани понасоките на жени кои веќе го поминале овој пат и кои содржат многу корисни реквизити, помошни суплементи ипомагала, како градник и специјална надворешна протеза за пост мастектомија.
Во исто време беше доделен Личен Асистент – прв водич од ваков вид во нашата земја, наменет за новооперираните пациенти од рак на дојка и создаден според прашањата и потребите на новите пациентки кои за прв пат се соочуваат со овој најтежок предизвик во својот живот.
Во 2021 година, СЗО за прв пат објави дека: ракот на дојката го надмина ракот на белите дробови како најчеста форма на болеста. Кај жените, ракот на дојка е најчесто дијагностициран карцином и водечка причина за смрт од рак ширум светот. Во Македонија има сигнификантно зголемување на новозаболени во помлади години односно вкупно 168 пациенти кои се од 20 до 45та годишна возраст. Ова ни покажува дека е време борбата со ракот, да ја сфатиме како лична морална и општествена одговорност.
Директорот на Универзитетската Клиника за Торакална хирургија, д-р Неџати Јакупи истакна дека во нашето општество од голема нужност е да водиме постојана грижа за подобрување на условите за лекување и рехабилитација на пациентите.
Покрај стручната медицинска помош, на пациентите од особено значење им е личната и психолошката поддршка. Наша должност е да покажеме дека навистина го практикуваме кажаното „Секој живот ни е важен“. Во тој контекст, јас би сакал да се заблагодарам на Здружението ЕЗРА за покажаната грижа за
пациентите, кои неуморно се борат за правата на пациентите и нивната благосостојба. Секоја подадена рака, за нас е од големо значење, бидејќи така директно ни помагате работата да ја вршиме со поголем успех – изјави д-р Неџати Јакупи.
Претседателката на Здружението Езра, Емануела Додева потенцира дека се подготвени да го дадат својот придонес и да ги стават на располагање сите нивни капацитети и дека е потребно мобилизирање на целокупната јавност како и поддршка од сите релевантни институции, доколку сакаме да ја промениме моменталната состојба со која се соочуваат пациентите со рак во нашата држава.
Здравјето не е цена. Тоа е инвестиција. Здравјето е фундаментално право на секој човек!. Да поттикнеме креирање на нови, подобри услови за третман и терапија на нашите граѓании, да ги охрабриме и поддржиме сите во нивната борба со ракот. Само сплотени можеме да успееме во тоа. Во оваа прилика би сакала да им се заблагодарам на сите кои што ни помогнаа да ја реализираме оваа хумана акција, и ги поттикнуваме и
останатите да ни се приклучат во оваа борба. Наш основен приоритет се пациентите и ние ќе продолжиме да се залагаме за нивните права и нивната добробит, Емануела Додева.
Извршниот директор на Здружението ЕЗРА, Лиридона Лимани го истакна поширокиот општествен контекст на
проблемот.
Владите, заедниците, работодавачите и медиумите имаат улога да се справат со сфаќањата за ракот за да се создаде култура кај населението, каде што има луѓе кои живеат со рак да не се соочуваат со дискриминација на работното место, во здравствениот систем или во општеството. Дискриминацијата за
да се надмине, треба да се создадат и подеднакви услови за сите наши граѓани до пристап на здравствените услуги но и пристап до најновите опции за терапии – Лиридона Лимани.