Здружението „Напредни лозари“ ги замрзнува активностите со апел да не се продава грозјето под 20 денари

Здружението „Напредни лозари” соопшти дека ги замрзнува своите активности. Неговата последна препорака, упатена до производителите, е дека годинава, посебно поради сушата, ниту еден грозд смедеревка не смее да биде откупен под 20 денари, вранец под 25 денари, а асталско и високосортно грозје под 30 денари.

-Дојдовме до заклучок дека ова здружение такво какво што е конципирано и форамтирано го нема потребниот кредибилитет и легитимитет да застапува. Од тие причини ги „замрзнува“ сите свои активности. Само ќе потсетиме дека благодарение на нас се обесштетени сите лозари кои имаа побарувања во „Петра“ и „Повардарие“, ланската година е сепак откупено цело грозје за вино и дестилат, сите лозари кои предадоа грозје за вински дестилат, покрај редовните субвенции од Владата беа обесштетени и со дополнителни средства кои изнесуваа вкупно осум денари за килограм грозје плус три до четири денари од откупувачот. Можеби овие работи и не се толку многу за фалење, ама не се ништо, наведоа од Здружението.

Нагласија и дека во ниту еден момент не делувале во ничиј друг, ни политички, ни партиски, ни личен интерес, освен за оној на лозарите

-Сите што тврдат спротивно се злобни манипулатори и нечии партиски слуги. Затоа што ги замрзнуваме своите активнсти, сметаме дека нема потреба од обзнанување на предвидените мерки за борба за попристојни цени на откупот на грозјето, а последна наша препорака е до сите – да не си го потценуваат својот производ и да не го даваат за мизерни откупни цени. Особено и поради сушата, оваа година не смее да биде откупен ниту еден грозд смедеревка под 20 денари, вранец под 25 денари а асталско и високосортно грозје не смее да се откупува по цена под 30 денари. Необезбедувањето на овие откупни цени ќе претставува крај на лозарската приказна во Тиквешијата онаква каква што ја познаваме. Лозови насади пак ќе има, ама ние ќе мора да одиме како аргати на тие лозови насади, порачаа од Здружението.