На барање на одбраната на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, беше одложено денешното судско рочиште, за предметот во кој тој се товари за злоупотреба на службената должност и овластување.
Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, која го води предметот, соопшти дека пред почетокот на рочиштето имала телефонски разговор со командирот на Полициската станица – Карпош, кои требало да го вршат спроведувањето на Зеќири до Основниот кривичен суд.
-Со оглед на тоа што имав телефонски повик од командирот на ПС Карпош, Владо Симјановски, кој ме извести дека не може да постапат по наредбата од судот за спровод на Мухамед Зеќири, кој е во куќен притвор, поради здравствени причини. И затоа е повикана брзата помош, а во зависност од проблемите, ќе биде спроведен и во клиничкиот центар – истакна судијката Јанчулева-Михаиловска.
Следното рочиште е закажано за 7 февруари и на него треба да бидат сослушани сведокот Петко Димитриев и вештото лице Кире Костов.
Судењето за овој предмет започна во декември минатата година, а на првото рочиште Зеќири се произнесе дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари.
Обвинителството го гони Зеќири за два договорa што ги склучил додека бил Генерален секретар на Владата со што го оштетил државниот буџет за околу 1,5 милиони евра, а во предметот се обвинети и двајца хрватски државјани кои засега се недостапни на органите.