Од иницијативата потенцираат дека екоцидот ги остава високопланинските села пусти и запустени.
„Прво, се заробуваат реки во цевки, со што се убива сѐ живо во околината. Второ, се сечат шуми, се поттикнува ерозија, со изградба на пристапни патишта и далноводи. Трето, се менува хидролошкиот режим, па околните населби немаат вода за пиење и наводнување“, посочува иницијативата.
Високите повластени тарифи кои им ги исплаќа државата, велат тие, ги мамат инвеститорите и нивните јатаци во институциите да градат мали хидроцентрали секаде на Балканот.
„За нив, заработката е голема, но за сите останати, и за луѓето и природата – штетата е огромна и неповратна! Со други зборови, ние им плаќаме за да ни ги уништуваат најубавите и најчистите реки! Но, во Србија, БиХ, Албанија и Црна Гора народот е на нозе. Коалиција на граѓански организации работат на кампањата ‘Спасете го синото срце на Европа’ за подигање на свеста на јавноста за уништување на балканските реки со изградба на малите хидроцентрали. Заради штетното влијание врз природата и врз луѓето, досега во Европа урнати се околу 400 мали хидроцентрали, а во САД – повеќе од 1.000 хидроцентрали“, соопштува иницијативата.
Кај нас, велат тие, отпорот на населението во Жировница, Вратница и Беловиште против изградбата на мали хидроцентрали е за почит.
„Но, треба да се спротиставуваме секаде кадешто малите хидроцентрали го загрозуваат опстанокот на природата и луѓето. Мора да се спречи натамошното уништување на природата во Македонија!“, соопштува иницијативата.