Германскиот канцелар Олаф Шолц му понудил на Володимир Зеленски шанса за мир само неколку дена пред започнувањето на руската воена офанзива, но украинскиот претседател ја одбил, објави „Волстрит журнал“.
Шолц го направи она што американскиот медиум го опиша како „последен притисок за спогодба меѓу Москва и Киев“ помалку од една недела пред да бидат испратени руските сили во Украина на 24 февруари.
Канцеларот му кажал на Зеленски во Минхен на 19 февруари „дека Украина треба да се откаже од своите аспирации за НАТО и да прогласи неутралност како дел од поширокиот европски безбедносен договор меѓу Западот и Русија“, пишува весникот.
Весникот, исто така, пишува дека „договорот ќе биде потпишан од Путин и од Бајден, кои заеднички ќе ја гарантираат безбедноста на Украина“.
Сепак, Зеленски ја отфрлил понудата да направи отстапка и да избегне конфронтација, велејќи дека „не може да му се верува на Путин дека ќе го поддржи таквиот договор и дека повеќето Украинци сакаат да се приклучат на НАТО“, пишува „Волстрит журнал“, без да го открие својот извори за информации.
„Неговиот одговор ги оставил германските власти загрижени дека шансите за мир исчезнуваат“, се посочува во извештајот.
Шолц и Зеленски навистина се сретнаа тој ден на маргините на Минхенската безбедносна конференција, на која секој имаше свое обраќање.
Русија го нападна својот сосед кон крајот на февруари, по неуспехот на Украина да ги спроведе условите од договорите од Минск потпишани во 2014 година. Протоколите со посредство на Германија и Франција беа дизајнирани да го регулираат статусот на Доњецк и Луганск во рамките на украинската држава.