Зеленски ја откажа посетата на Шпанија и Португалија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја откажа посетата на Шпанија и Португалија, соопштија властите во средата, а CNN Portugal и други медиуми наведуваат дека причина за тоа е разгорувањето на новиот фронт во неговата земја.

Шпанскиот крал Фелипе требаше да го прими Зеленски на 17-ми мај и во негова чест да приреди свечен ручек. Зеленски, исто така, требаше да потпише договор за билатерална безбедносна соработка со шпанскиот премиер Педро Санчез по минатогодишната заедничка изјава на НАТО.

Портпаролот на португалската влада изјави дека украинскиот претседател ја откажал посетата, но не наведе причина. Шпанската влада соопшти дека не може да го коментира случајот од безбедносни причини.

Шпанија, заедно со другите земји-членки на ЕУ, е посветена на обезбедување финансиска и воена поддршка за Украина по руската инвазија во февруари 2022 година. Посетата на Зеленски требаше да се совпадне со ветувањето на ЕУ за долгорочна безбедносна поддршка за Киев, според нацрт-документот.