Зеленски бара од своите дипломати да „освојат срца“ за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од украинските дипломати да работат интензивно во следните 12 месеци за да ги „освојат срцата“ на украинската страна во војната со Русија.

На состанокот во петокот, Зеленски на дипломатите им ги додели најважните задачи во наредната година. Меѓу нив се набавката на повеќе оружје за Украина, поблиските врски на Украина со НАТО и Европската унија за помош на украинската индустрија за оружје, соопшти кабинетот на украинскиот претседател.

Украинскиот претседател нагласи дека, кога станува збор за натамошно приближување кон НАТО, клучот „не треба да се бара на повисоките политички нивоа“.

„Мораме да ги убедиме општествата (на западните земји), како што ги убедивме, да се соберат околу Украина веднаш на почетокот од војната. Ни треба повеќе оружје, бидејќи никој нема да се предаде“, рече Зеленски.

„Секој од вас кој може да ѝ помогне на Украина да го зголеми производството на оружје, гранати, опрема, противвоздушна одбрана во Украина, треба да го стори тоа“, нагласи украинскиот претседател.

Украинските дипломати треба да помогнат и во барањето финансиска поддршка, додаде Зеленски.

Фокусот е на руските средства замрзнати на Западот, кои, според некои западни политичари, би можеле да се искористат за обнова на Украина разурната од војна, меѓутоа правни и финансиски експерти предупредуваат дека станува збор за опасен преседан кој може да предизвика глобални финансиски нарушувања.

Зеленски, пак, рече дека смета дека е „праведно да се користат ресурсите на државата агресор“.