Зеленски бара свикување на Советот НАТО-Украина за договорот за житото

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека побарал од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да свика состанок на Советот НАТО-Украина на кој ќе се разговара за безбедноста во Црното Море, особено за украинскиот коридор за извоз на житарките

Русија претходно седмицава се повлече од Договорот за житарки постигнат со покровителство на Обединетите нации, откако и светската организација потврди дека западните земји речиси цела година ги игнорирале одредбите од договорот за обезбедување на извозот на храна и ѓубрива од Русија вклучително и оние коишто и без надомест ги отстапи на сиромашните африкански земји, додека дури над 80 отсто од извезените украински житарки заминале во западните и другите пазари наместо во Африка, како што претходно беше договорено.

Москва потоа предупреди дека бродовите што се упатуваат кон украинските пристаништа на Црното Море може да се сметаат дека пренесуваат воена опрема и оти земјите под чиишто знамиња пловат ќе се сметаат за директно вклучени во војната. Киев истовремено предупреди, пак, дека сите пловила кои пловат кон пристаништата кои се под контрола на Русија ќе бидат сметани за легитимни воени цели.

Во своето вообичаено ноќно обраќање во саботата, Зеленски рече дека во телефонски разговор побарал од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да свика состанок на Советот којшто беше формиран на самитот на НАТО пред десетина дена во Вилнус.

„Во нашата соработка преминавме на ново, понапредно ниво, Советот НАТО-Украина, и овој механизам може да биде ефикасен. Му предложив на Јенс без одлагање да се свика Советот за важни кризни консултации. Средбата ќе се одржи во наредните денови. Можеме да ја надминеме црноморската безбедносна криза“, рече Зеленски во видоето.

Засега нема никакви навестувања дали во НАТО се согласиле со таквиот предлог од украинскиот претседател, ниту поединости во кој правец би се одвивала таквата дискусија.