Зеленски до челниците на Г7: Војната мора да заврши до зимата

Украинскиот претседател Владимир Зеленски им порачал на челниците на седумте индустриски најразвиени земји во светот од Г7 дека сака војната да заврши пред зимата, пренесува Reuters повикувајќи се на двајца дипломати од Европската унија.

Зеленски им се обратил на челниците на Велика Британија, Германија, Италија, Јапонија, Канада, САД и Франција преку видеолинк во понеделникот, вториот ден од тридневниот самит на Г7 во јужната германска сојузна покраина Баварија.

Претходно во неделата по билатералната средба на маргините на самитот на Г7 меѓу фанцускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон, портпаролот на Даунинг стрит истакна дека двајцата челници „се согласија дека ова е критичен момент за текот на конфликтот и има можност да се направи пресврт на текот на војната“. Џонсон, исто така, го предупредил Макрон дека „секој обид да се реши конфликтот сега само ќе предизвика трајна нестабилност“.

Исто така, Џонсон предупредил дека се ризикува да му се даде на рускиот претседател Владимир Путин „дозвола да манипулира со суверените земји и меѓународните пазари засекогаш“.

На ваквата изјава на Џонсон, во неделата реагираше со забелешка на својот Telegram канал, портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова, којашто ги нарече „монструозни“ зборовите на британскиот премиер за начинот на решавањето на војната во Украина. Според неа, тој покажал пример за „британски политички хумор“ кој е „мрачен, недуховит и многу вулгарен“.

„Прво одбивате да верувате дека такви монструозни изјави се можни во принцип, но потоа ви текнува дека зборуваме за режимот на ‘либерално-демократската монархија’“, напиша Захарова.

Зеленски во обраќањето повторно побарал повеќе противвоздушни систем, повеќе санкции за Русија и безбедносни гаранции, рекол за агенцијата еден од европските функционери,

Украинскиот претседател, исто така, побарал помош при извозот на житото од Украина и при обновата на земјата, рекол вториот европски функционер, кој исто така сакал да остане анонимен.