Претседателот на Украина, Володимир Зеленски им се обрати на граѓаните на Русија по синоќешното гранатирање на нуклеарната централа Запорожје од страна на руската армија, и им порача дека треба да им кажат на своите власти дека сакаат да живеат во земја без радиоактивна контаминација.
Според шефот на украинската држава, како што пренесе Интерфакс Украина, нападот на руската армија врз нуклеарната централа Запорожје можел да ја запре историјата.
– Руските трупи ја нападнаа нуклеарната централа Запорожје. Најголемата во Европа. Само таа може да биде како шест Чeрнобили. Руските тенкови знаеја што гранатираат. Директно пукаа врз централата. Ова е терор од невидено ниво … Руската војска целосно го збриша споменот на Чернобил. За таа трагедија, рече Зеленски видео порака.
– Руски народе, како може ова да се случува? Заедно се боревме со последиците од катастрофата во Чернобил во 1986 година. Мора да се сеќавате на пепелот распрскан по експлозијата. На жртвите. Мора да се сеќавате на сјајот над уништената енергетска единица. Мора да се сеќавате на евакуацијата од Припијат и зоната од 30 километри. Како можете да заборавите? А ако не сте заборавиле, не можете да молчите. Морате да им кажете на своите власти, да излезете на улица и да кажете дека сакате да живеете. Да живеете во земја без радиоактивна контаминација. Радијацијата не знае каде е границата на Русија, повлече Зеленски.