Во најновата видеопорака, украинскиот претседател вели дека Москва почнува да сфаќа дека победата нема да дојде на бојното поле.
Во текот на ноќта, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави уште една видеопорака во која изрази внимателен оптимизам за тековните мировни преговори со Русија и истакна дека Москва почнува да сфаќа дека победата нема да дојде на бојното поле.
„Тие веќе почнаа да сфаќаат дека нема да постигнат ништо со војна. Нашите храбри бранители продолжуваат да им нанесуваат катастрофални загуби на руските трупи. Наскоро бројот на соборените хеликоптери на Русија ќе достигне стотици. Тие веќе изгубија 80 воени авиони. Стотици тенкови и илјадници други единици опрема. За 19 дена, руската армија загуби повеќе во Украина отколку во две крвави и повеќегодишни војни во Чеченија“, рече тој.
Претседателот на Украина ѝ се обрати и на руската армија и им понуди избор – да загинат или да се предадат.
„Сакам да им кажам на руските војници, оние кои веќе дојдоа во нашата земја и кои допрва треба да бидат испратени да се борат против нас. Руски регрути, слушајте ме особено внимателно. Руски офицери – вие веќе разбирате сè“, рече Зеленски.
„Зошто да умрете? Знам дека сакате да преживеете. Во прислушуваните разговори слушаме што навистина мислите за оваа војна, за овој срам и за вашата земја“, додаде Зеленски.
„Затоа ви нудам избор. Во име на украинскиот народ, ви даваме шанса да преживеете ако се предадете на нашите сили. Ќе се однесуваме со вас како што треба, како што не ве третираа во вашата армија. Изберете!“, резимира Зеленски.