Зеленски го интересира како Трамп би ја прекинал војната во рок од 24 часа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека би сакал кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп да му објасни како точно ќе ја прекине војната во Украина во рок од само 24 часа.

„Ако Трамп знае како да ја запре војната, нека ни каже денес“, рече Зеленски во интервју за телевизијата Bloomberg во средата.

„Доколку е загрозена независноста на Украина, ако ја изгубиме државата… сакаме да бидеме подготвени на тоа, сакаме да знаеме“, рече Зеленски.

Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на ноемвриските избори во неколку наврати изјави дека може да ја прекине војната „во рок од 24 часа“, но не објасни како.

Зеленски рече дека е подготвен да се сретне со Трамп и неговиот тим и да ги слушне нивните предлози.

„Сакаме да знаеме дали по ноември ќе имаме силна поддршка од САД или ќе бидеме сами“, рече тој.