Украинската војска добива повеќе пари за борбата против рускиот напад според новиот закон потпишан од претседателот Володимир Зеленски, кој претходно беше усвоен од Парламентот, јави ДПА.
Локалните медиуми денеска објавија дека новиот закон ги зголемува воените трошоци за 500 милијарди гривни (околу 12 милијарди долари). Засилувањето ќе се финансира со заеми, даноци и зголемување на давачките за тутунот и горивото. Зголемувањето треба да се искористи за исплата на надоместоци за војниците во првите редови овој месец.
Врховната Рада (парламентот на Украина), во средата усвои ребаланс на буџетот како одговор на тековната војна. Ова ќе ги зголеми буџетските трошоци за околу 13 отсто до еквивалент на над 90,5 милијарди долари – рекорд за Украина.
Земјата се брани од руска инвазија повеќе од две и пол години. Украина вели дека добила преку 98 милијарди долари финансиска помош од странство од почетокот на војната во февруари 2022 година.