Зеленски го повика Западот да не ја одложува испораката на оружје за Украина

President Volodymyr Zelenskyy of Ukraine speaks from a screen at the Munich Security Conference in Munich, Germany, Friday, Feb. 17, 2023. (AP Photo/Michael Probst)

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот го повика Западот да не ја одложува испораката на оружје за Украина, бидејќи тоа „само ќе го охрабри“ рускиот претседател Владимир Путин „да освојува други земји“ и да го „обнови советскиот блок“.

„Одложувањето беше и секогаш ќе биде погрешно“, рече Зеленски во видео обраќањето на безбедносната конференција во Минхен. „Мораме да забрзаме, мораме да го ограничиме рускиот потенцијал. Животите зависат од брзината!“, додаде тој.

Според него, додека Западот разговара за испорака на тенкови и борбени авиони во Украина, Кремљ „купува време и размислува да ја задуши“ Молдавија.

„Украина не е последната станица на Путин, тој ќе продолжи по тој пат, вклучувајќи ги и сите земји кои некогаш го сочинуваа советскиот блок“, тврдеше Зеленски.

Осврнувајќи се на идеите дека е време да се преговара со Москва за завршување на војната, тој рече дека „нема компромис за слободата“.

„Давид не го порази Голијат со силата на зборовите, туку со силата на своите постапки. Прачката мора да биде посилна“, истакна тој, осврнувајќи се на библиската приказна во која послабиот Давид го победува посилниот Голијат со прашка.

Зеленски тврдеше дека новата руска офанзива нема да има резултат и дека е малку веројатно Белорусија директно да се вклучи во војната, бидејќи нема ресурси и нејзините војници не сакаат да се борат против соседна Украина.

И покрај предупредувањата за можни лоши сценарија доколку Западот не му достави повеќе оружје, Зеленски посочува дека „нема алтернатива за победата на Украина, која докажа дека може да се брани со воена помош“.

„Голијат мора да загуби и нема алтернатива за тоа. Нема алтернатива за победата на Украина, нема алтернатива за Украина во ЕУ и НАТО“, нагласи Зеленски.

Ги отфрли критиките дека Украина страда од „ендемска корупција“, но вели дека во секоја војна има профитери. „Ние се реформираме дури и за време на војната, а повоена Украина уште посилно ќе се бори против корупцијата“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател зборуваше на отворањето на безбедносната конференција во Минхен, традиционален собир на високи функционери и експерти за одбрана, во пресрет на првата годишнина од руската инвазија на Украина на 24-ти февруари 2022 година.