Зеленски го распушти судот, тврди дека може да се бори против корупцијата

Украинскиот претседател Володомир Зеленски изрази задоволство поради распуштањето на судот во Киев и рече дека Украина може истовремено да се бори и против корупција и против руската инвазија.

„Оваа приказна дојде до крајот“, изјави Зеленски (кој до пред руската инвазија ја користеше руската варијанта на неговото име Владимир) во редовното обраќање објавено доцна во вторникот истакнувајќи дека го потпишал законот со кој го распушта Окружниот управен суд во Киев.

Станува збор за институција којашто администрацијата на Зеленски и неговите антикорупциски власти ја споредија со злосторничката организација, а САД на 9-ти декември на оваа институција ѝ воведоа санкции.

„Но продолжува приказната со реформите, продолжува дури во време на ваквата војна“, рече Зеленски во своето видео обраќање.

Павло Вовк, претседател на сега распуштениот Окружен управен суд во Киев, објави на Facebook дека одлуката за укинување е „чисто политичка, донесена набрзина“ и поради којашто „оние коишто денес аплаудираат наскоро ќе зажалат“.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека Вашингтон му вовел санкции на Вовк „поради барање мито во замена за вмешување во судски и други јавни процеси“.

Случајот на корупција против Вовк е испратен до украинскиот висок суд за борба против корупцијата, ова лето, откако случаи против него наводно со години биле блокирани. Но повеќе политички партии кои во меѓувреме беа укинати, тогаш обвинија дека станува збор за чисто политичка пресметка на актуелната украинска власт со неистомислениците

Украинското Национално биро за борба против корупцијата (НАБУ) соопшти дека на 17-ти јуни било подигнато обвинение против Вовк, двајца негови заменици, четворица судии и четири други лица, вклучително и шефот на државната правосудна управа. Тие се обвинети дека „делувале во рамки на злосторничка организација“ којашто ја водел Вовк со цел да ја преземат државната власт преку контрола над правосудните тела и намерното попречување на нивната работа, според НАБУ. Во истрагата, според истиот извор, биле собрани повеќе од 16.000 часа прислушкувани разговори.

Европската унија во јуни даде согласност за Украина и соседната Молдавија, исто така, земја со исклучително високо ниво на корупција потресувана со децении со корупциски скандали, за почетокот на процесот на приближување на двете земји кон ЕУ но предупреди дека тој процес може да трае со години и бара обемни реформи во исполнувањето на стандардите од правосудната политика до финансиските услуги, сузбивање на сиромаштијата….

Украина со децении е обвинувана за ендемска корупција, многу нејзини поранешни функционери, вклучително и премиерката Јулија Тимошенко, која исто како и Зеленски беше поддржана од Западот, беше осудена за манипулации и штетни договори. Актуелната власт, исто така, го гони и првиот претседател по превратот во 2014-та Петро Порошенко поради корупција и предавство. Па дури и во актуелната војна во САД и во Франција се појавија сомневања за манипулации со воената помош што ја даваат двете земји на Украина во нејзината војна со Русија.

Во септември годинава италијанските медиуми открија дека семејството Зеленски поседува исклучително луксузна вила во регионот Тоскана која ја издава на руско семејство за 50.000 евра месечно, а која чини 4 милиони евра и која Зеленски ја купил наводно во времето додека беше актер.

Името на Зеленски, исто така, беше споменувано и во ткн Панамски документи („Pandora Papers“) од октомври 2021 година кога Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство (ICIJ) објави извадоци од приближно 11,9 милиони документи со податците за офшор сметки на голем број светски политичари.

Зеленски беше во фокусот на скандалот во предизборието во САД, кога тогашниот американски републикански претедател Доналд Трамп инсистираше на отворање истрага против негов демократски ривал Џо Бајден и негвоиот син Хантер, за улогата на сменувањето на поранешниот украински државен обвинител кој водел истрага за корупција на украинската гасна групација „Burisma“ во чие равододство бил Бајден синот.