Зеленски го смени амбасадорот во Лондон кој го критикуваше

Украинскиот претседател Володомир Зеленски го смени во петокот Вадим Пристајко од должноста украински амбасадор во Велика Британија, неколку дена откако дипломатот го критикуваше шефот на државата.

Во одлуката на претседателот Зеленски, според којашто Пристајко е сменет и од должноста украински претставник во Меѓународната поморска организација, не се наведуваат причините за неговата смена.

На завршувањето на минатонеделниот самит на НАТО во Вилнус, британскиот министер за одбрана на заминување Бен Валас јасно порача дека Киев би требало да им покаже повеќе благодарност на своите сојузници за огромната воена и финансиска помош особено по руската инвазија, наместо да ги критикува и постојано да бара нови видови оружја порачувајќи му илустративно дека тие не се „Amazon“, алудирајќи на најголемата интернет продавница.

Зеленски потоа рече дека Украина секогаш ѝ била благодарна на Велика Британија, како нејзин верен сојузник. Британските медиуми пренесоа дека Зеленски рекол дека Валас би можел да му покаже како да ја изрази својата благодарност или како „би можеле да станеме секое утро и да му изразиме благодарност на министерот“.

Во минатонеделното интервју за британската телевизија Sky News, амбасадорот Присајко беше запрашан за таквите забелешки на Зеленски. На прашањето дали Зеленски бил саркастичен, Пристајко за телевизијата изјави дека имало „малку сарказам“ кога претседателот „рече дека секое утро ќе се биди и ќе го повикува Бен Валас за да му се заблагодари“.

„Не верувам дека овој сакразам е добар“, рече Пристајко додавајќи дека Русите „мора да знаат дека работиме заедно“.

Во одлуката на Зеленски не се наведува кој ќе го замени 53-годишниот Пристајко, поранешен вицепремиер и дипломат кој три години беше амбасадор во Лондон.