
Украинскиот претседател Владимир Зеленски го сменил во понеделникот Григориј Галаган, командант на силите за специјални операции на украинската војска, пренесуваат медиумите повикувајќи се на објава на веб-страницата на украинското претседателство
Според објавата со указ на претседателот се разрешува Григориј Анатолевич Галаган од позицијата командант на силите за специјални операции, а со друг декрет на шефот на државата на негово место е именуван Виктор Хоноренко.
Засега нема информации за причината за смената на генерал-мајорот Галаган. Претходно периодов Зеленски ги смени челниците на службата за безбедност Иван Баканов и главната државна обвинителка Ирина Венедиктова, како и уште 28 припадници на разузнавањето, поради „бројните пребегнувања“ на нивните потчинети на руска страна и „незадоволителни резултати во работењето“.
Зеленски започна процес на големи „чистки“ на високорангиран и висок кадар во разузнавачките служби и во државното обвинителство. Зеленски објави во неделата дека повеќе од 60 вработени во овие служби работеле против Украина на територијата под руска контрола и дека е покрената 651 кривична постапка за велепредавство и соработка со Русија против вработени во обвинителствата, истражните органи и безбедносните служби. Само СБУ има околу 30.000 вработени.
Галаган на позицијата командант на украинските сили за специјални операции бил именуван на 25-ти август 2020 година. Претходно бил прв заменик на началникот на Центарот за специјални операции за борба против тероризмот во разузнавањето Службата за безбедност на Украина (СБУ). Во периодот од 2014-та до 2019-та учествувал во борбените операции во отцепената проруска источна област Донбас, каде го формирал и водел Центарот за специјални операции на украинското разузнавање.
Галаган минал 12 години во служба на црноморскиот полуостров Крим, а пота пет години биле заменик на командантот на тајниот одел на Центарот за специјални операции „А“, потоа бил владин функционер по прашања за ветераните, од каде бил разрешен во 2019 година, пренесуваат украинските медиуми.