Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот повторно тврдеше дека упадот на Украина во рускиот пограничен регион Курск го има посакуваниот резултат на забавување на напредувањето на Москва на другиот фронт во источна Украина.
Зеленски на прес-конференција во Киев рече дека рускиот противнапад врз регионот Курск, исто така, не бил многу успешен, што е во спротивност со изјавите на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија напредува на двата фронта, но и на извештаите од западни и украински воени аналитичари.
Украина на 6. август започна ненадеен упад во областа Курск, пробивајќи се на руска територија и преземајќи ја контролата врз десетици населени места.
„Добивме резултати, искрено кажано, на кои сметавме. Во регионот Харков непријателот е запрен. Нивното напредување во регионот Доњецк е забавено, иако таму е многу тешко“, тврдеше Зеленски.
Зеленски рече и дека Русија наводно има околу 40.000 војници на фронтот Курск и дека руската армија започнала противнапад. „Досега не видовме сериозен руски успех“, повторно тврдепе Зеленски без да изнесе некакви конкретни податоци од теренот, за време на неговите најобемни јавни изјави за ситуацијата од почетокот на операцијата Курск.
Руското Министерство за одбрана во петокот соопшти дека нејзината армија ослободила повеќе од десет села кои биле заземени од укранските сили. Според податоците на руската војска, досега во Курск украинската војска загубила повеќе од 12.000 војници, убиени и ранети, а уништени се стотици украински борбени оклопни возила вклучително и повеќе од сто тенкови, и десетици ракетни системи.
На 6-ти август, Украина го започна, како што тоа се претсевува на Западот, најголемиот надворешнте напад врз Русија од Втората светска војна, пробивајќи ја границата во рускиот регион Курск со илјадници војници поддржани од големи количества беспилотни летала и тешко оружје, тенкови и вклучително и друго оружје од западно производство, но и со бројно учество на странски платеници.
Зеленски на почетокот од нападот рече дека тоа е обид да се пренесе војната и на територијата на Русија за да се принуди Путин да постигне мир и да создаде тампон зона за да ги спречи руските напади врз соседната област Суми. Претходно минатиот понеделник и самиот Зеленски потврди дека упадот во рускиот регион Курск не ја олеснил ситуацијата за украинските сили на рабните делови од источната област Донбас, каде што има проблеми во областите на Покровск и Торецк.
Зеленски во петокот вечерта призна дека ситуацијата во близина на значајниот логистички центар Покровск во источниот украински регион Доњецк останува тешка, иако тој рече дека таа се стабилизирала во текот на изминатата седмица.
Украинскиот Генералштаб во петокот извести дека руските сили ги фокусирале своите напади во близина на градот Кураково, на околу 33 километри јужно од Покровск.
Зеленски претходно ја опиша операцијата во Курск како дел од поширок „план за победа“ што планира да му го претстави на американскиот претседател Џо Бајден подоцна оваа недела.
„Овој план може да го отвори патот за сигурен мир – за целосно спроведување на формулата за мир“, рече Зеленски во петокот.
Тој одби да открие детали за планот, но рече дека се состои од помал број точки.
„И сите овие точки зависат од одлуката на Бајден. Не од онаа на Путин“, додаде Зеленски.
Украина сè повеќе ги повикува своите западни сојузници, особено САД, да ѝ дозволат да изврши удари со долг дострел против Русија, велејќи дека тоа е клучно за нејзините напори да ја ограничи способноста на Москва да ја нападне Украина. Сојузниците досега не сакаа да дозволат такви напади, наведувајќи ги стравувањата дека Москва тоа ќе го сфати како ескалација.