Зеленски итно бара противвоздушна одбрана за Харков

Со оглед на постојаните руски воздушни напади врз североисточниот град Харков, украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од меѓународните сојузници итно да ги испорачаат неопходните системи за противвоздушна одбрана.

„Сосема е очигледно дека капацитетите за противвоздушна одбрана што ги имаме во Украина не се доволни – и тоа им е јасно на сите наши партнери“, рече Зеленски во вообичаента ноќна видео-порака во неделата.

„Бараме начини да му обезбедиме на Харков повеќе воздушна одбрана“, рече тој, повикувајќи ги сите украински дипломати и меѓународни преговарачи да бараат договори за нови испораки.

Зеленски долго време бара дополнителни системи за противвоздушна одбрана „Patriot“ од САД, а претходно во телевизиско интервју рече дека на неговата земја ѝ се потребни најмалку 25 такви системи за да се одбрани од руските напади.

Украина, која се брани од голема руска инвазија повеќе од две години, повторно забележа зголемено руско воено фокусирање на Харков, вториот поголеми во земјата и тоа со мнозинско руско и рускојазично население, во моментов повеќе од кој и да е друг украински град.

Според локалното обвинителство, две воздушни бомби паднале во неделата напладне во Харков, при што биле повредени пет лица, додека 13 станбени згради и други објекти биле оштетени. Во петокот вечерта шест лица загинаа, а 11 беа повредени.