Зеленски извести за тешка зима и објави воени успеси

Украинскиот претседател Владимир Зеленски предупреди во редовното ноќно обраќање кон понеделникот на тешката претстојна зима и извести за успеси во противофанзивата против руските и сепаратистичките сили.

Зеленски им се заблагодари на украинските војски поради наводното заземање на две села на југот и на уште едно на истокот од земјата, повикувајќи се на „добри извештаи“ од своите воени команданти и шефот на разузнавањето.

Кирил Тимошенко, заменик на шефот на кабинетот на претседателот, претходно објави слика на војни кој го подига украинското знаме над село за коешто наведе дека се наоѓа во јужна област која е главен фокус на наводната противофанзива.

„Високопоља. Регион Херсон. Украина. Денеска“, напиша Тимошенко на Facebook над фотографија со тројца војници на покрив, од кои едниот го прицврстува украинското знаме на столб.

Украина пред речиси еден месец најавува почеток на против контраофанзива на југот, особено во регионот Херсон, кој руските и сепаратистичките проруски сили го заземаа веднаш по почетокот на воените дејствија кон крајот на февруари.

По интензивните украински гранатирања врз регионот, привремената администрација во Херсон забран движење на населението, особено преминување преку реката Дњепар, како што тврди украинската команда во понеделникот.

Според Киев, руските трупи извеле во последните 24 часа 25 ракетни напади и повеќе од 22 воздушни напади на воени и цивилни цели во Украина, се додава во соопштението, задржувајќи го фокусот на воспоставување на целосна контрола на регионот Доњецк.

Руското Министерство за одбрана засега не го објави редовниот дневен брифинг за операциите во последното деноноќие на украинското боиште, а во неделата објави за спречување на офанзивата во регионот Запорожје, каде што според Москва во обидот за противофанзива загинале повеќе од 2.000 украински војници. Руската војска, исто така, во неделата извести дека уништила единица од 50 странски платеници во Украина.

Коментарот на Зеленски за тешката претстојна зима дојде ден откако ја предупреди Европа дека Русија го подготвува „решавачкиот енергетски удар“ во текот на студените месеци.

Москва како причина за енергетските нарушувања ги наведе западните санкции и техничките проблеми. Европските земји, кои прогласија дека ќе се откажат од руските енергенси и воено ја поддржуваат Украина, сега ја обвинуваат Русија дека ја користи енергијата како оружје, иако самите одредија ембарго на увозот на руските енергенси.

Политички коментатори и аналитичари предупредуваат дека со доаѓањето на зимата и галопирачкиот раст на животните трошоци, се загрозува поддршката на Западот за власта во Киев, додека владите се обидуваат да ги примират незадоволното население.

Минатата седмица руски „Газпром“ најави дека поради технички проблеми кои според договорот треба да ги санира германски „Siemens“, сѐ уште нема да врши испораки на гасот преку гасоводот Северен тек 1, единствениот гасовод кој е во функција кон Германија и Европа.

Земјите од Г7 го најавија воведувањето на планираното ограничување на лимитот на цените на руската нафта, според кој цената треба да овозможува да продолжи производството на руската нафта за повлекувањето на руските барели да не ги катапултира цените на меѓународните пазари, но да го сведе на минимум профитот на Москва. Европската унија најави дека размислува за сличен потег за лимитирање на цената на рускиот гас.

Русија предупреди дека ќе престане да ја продава нафтата на земјите коишто го прифатиле ограничувањето на цената.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави во неделата дека неговата влада планира целосен прекин на испораките на рускиот гас во декември, и ја обвини Русија дека не е „сигурен добавувач на енергенси“, а на сѐ понезадоволните Германци им вети мерки за намалување на цените и врзување на социјалните надоместоци со растот на инфлацијата која е на највисоки нивоа по повеќе од четири децении.

Одговарајќи му на Шолц, поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев ја обвини Германија дека станала непријател на Русија и дека повела „хибридна војна“ против неговата земја. Медведев рече дека Германија, со воведувањето санкции и испраќањето оружје на Украина, објави хибридна војна против Русија, што, според него, значи дека Берлин работи како непријател на Русија.

Руската војска објави дека ситуацијата околу нуклеарната централа Запорожје е мирна во понеделникот, откако се одбиени двата обида на две единици украински диверзанти да се пробијат до неа користејќи дронови, тешка артилерија и повеќекратни ракетни системи испорачани од САД, во периодот кога во централата престојува мисија на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).

Во понеделникот утрото одекнале три детонации во блискиот град Енергодар, кој е под управа на проруските сепаратисти и кој последните седмици е цел на жестоки украински гранатирања. Засега нема известување на цивилни жртви и штети од утринското гранатирање.

Инспекторите на ОН во нуклеарката Запорожје во саботата соопштија дека централата повторно го загубила надворешното напојување со струја. Последниот главен електричен вод е прекинат, руската војска вели во украинско гранатирање, и резервниот вод го одржува снабдувањето на мрежата со струја., Само еден од шесте реактори останал во функција.

На другите боишта украинската војска извести за гранатирања врз мостот близу градот Херсон, кој на почетокот на март го заземаа руските и сепаратистичките сили. Киев тврди дека мостот е сериозно оштетен во украинските гранатирања изминатите седмици, но дека руските сили се обидуваат да го поправат и поставуваат понтонски премини за одржување на снабдувањето на своите единици на десната страна на реката Дњепар