Зеленски му порача на Путин: Сите системи „Патриот“ работат и соборуваат руски ракети

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, ноќеска, во своето редовно обраќање до граѓаните, му одговори на рускиот претседател Владимир Путин за неговите минатонеделни тврдења за уништените американски противвоздушни системи „Патриот“, што Украина го доби како донација.

Зеленски ноќеска беше дециден дека сите системи за воздушна и ракетна одбрана „Патриот“, што САД и ги доставиле на Украина, сè уште работат.

-Тие се уште се на бојното поле, оперативни се и соборуваат руски ракети, што е можно поефикасно. Ниту еден систем за воздушна одбрана „Патриот“ не е уништен, рече Зеленски, пренесува лондонски Гардијан.

Се чини дека коментарите на украинскиот претседател се одговор на тврдењата на рускиот претседател Владимир Путин, искажани на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург минатата недела, во кои тој сугерираше дека Москва уништила пет системи Патриот во близина на Киев.

Зеленски им се заблагодари на „бранителите на украинското небо“, вклучително и украинските пилоти, велејќи дека во текот на изминатата недела извршиле повеќе од 100 координирани напади со батерии врз непријателските позиции и заднинскиот дел и дека уништиле речиси триесет проектили и педесет беспилотни летала.