Зеленски најави дополнителна помош од две милијарди долари од сојузниците

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека последната од серијата состаноци со западните сојузници во Германија резултирала со ветувања за дополнителна воена помош од две милијарди долари во војната против Русија.

Зеленски, говорејќи за телевизискиот канал Моја Украина по состанокот во четвртокот, даде неколку детали за помошта, велејќи дека 34 земји ветиле поддршка во различни аспекти.

Го опиша состанокот како „многу добар“, истакнувајќи дека на Украина ѝ биле ветени дополнителни пакети за поддршка во вредност од две милијарди долари, кои вклучуваат противвоздушна одбрана, информатичка технологија, технологија за деминирање, а поддршката се однесувала и за поморските и воздушните сили и артилеријата.

„И сето тоа ќе ја зајакне Украина“, рече Зеленски, без да открие за кои земји станува збор.

Зеленски во четвртокот беше на средба со сојузниците во американската воена база во Рамштајн во Германија, на која беше спомената висината на помошта во вредност од околу половина милијарда долари. Украинскиот лидер потоа се состана со италијанската премиерка Џорџа Мелони во Рим, со која разговараше за подобрување на противвоздушната одбрана на Украина и напорите за формирање унифицирана позиција насочена кон придвижување кон решавање на војната.

Агенцијата Reuters објави дека американскиот државен секретар на заминување Ентони Блинкен претходно изјавил дека Вашингтон ќе ѝ обезбеди на Украина дополнителна воена помош од 500 милиони долари, вклучувајќи ракети за противвоздушна одбрана, проектили воздух-земја и опрема за поддршка на борбените авиони „F-16“ кои во моментов речиси и не се активни во орбените оперции по неколкуте инциденти и нивни соборувања.