Зеленски од Анкара порача дека нема мировни преговори без Украина и ја откажа посетата на Саудиска Арабија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во вторникот дека ја одложил посетата на Саудиска Арабија планирана за среда и дека разговорите за тоа како да се стави крај на војната со Русија не може да се водат „зад грбот“ на Украина.

Украина не беше присутна на денешните преговори меѓу САД и Русија во Ријад, накоја покрај разговорите за обновување на прекинатите врски меѓу двете светски сили се разговараше и за горливите геополитички прашања, вклучително и за запирање на тругодишната руска инвазија во Украина.

Зеленски рече дека Киев не бил поканет на состанокот, но дека утре требало да отпатува за Саудиска Арабија.

„Не сакаме никој да одлучува за ништо зад нашиот грб. Без Украина не може да се донесе одлука како да се стави крај на војната“, рече Зеленски за време на посетата на Турција.

Зеленски рече дека го одложил своето патување во Ријад за 10 март бидејќи „не сака никакви случајности“.

Додека војната со Русија влегува во третата година следната седмица, Зеленски тврди дека ниту Киев, ниту Москва „не можат да победат на бојното поле“.

Жестоки борби се водат долж линијата на фронтот повеќе од илјада километри, а руските трупи од минатата есен бавно но континуирано напредуваат на самите рабби области од источниот регион Доњецк. Украина презеде контрола врз мал дел од руската област Курск со ненадеен напад преку границата во август минатата година, и се надева дека тоа би можело да биде предмет на размена при идни мировни преговори.

Зеленски рече дека за да се обезбеди праведен мир, САД, Украина и Европската унија треба да учествуваат во преговорите за безбедносни гаранции за Киев. За нив Зеленски разговараше и со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Ердоган рече дека територијалниот интегритет и суверенитет на Украина се неспорни во очите на Анкара. „Турција би била соодветно место за какви и да се можни мировни преговори во кои ќе биде вклучена Русија“, рече тој.

Москва и Киев одржаа разговори во Истанбул кон крајот на март 2022 година, при што руската страна првично изрази оптимизам за мировниот процес. Сепак, Русија подоцна ја обвини Украина дека отстапува од целиот напредок постигнат во Турција, велејќи дека ја изгубила довербата во преговарачите на Киев.

Медиумите објавија дека тогашниот британски премиер Борис Џонсон отпатувал во Киев специјално за да ја убеди владата на украинскиот претседател Володимир Зеленски да се повлече од разговорите со Москва. Ова го потврди главниот украински преговарач во Истанбул, Дејвид Арахамија, во ноември. Џонсон негираше каква било улога во попречувањето на мировните преговори.

 

Истанбулски договор

Поранешниот израелски премиер во интервјуто од почетокот на април 2023 година детално зборуваше за преговорите по почетокот на руската инвазија во Украина ланскиот 24-ти февруари 2022 година за личните контакти со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот Володомир Зеленски, како и со челниците на водечките западни земји: американскиот претседател Џо Бајден, германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и тогашниот британски премиер Борис Џонсон. Според сеќавањето на Бенет, позициите меѓу западните челници биле поделени во однос на натамошните чекори.

„Сите моите активности беа координирани до најситни детали со САД, како и со Германија и со Франција“, рече Бенет а потоа потврдно одговори на прашањето на новинарот дали и прекинот на преговорите е инициран од Западот. „Во голема мера, да. Тие (Западот) ги прекинаа преговорите, а потоа ми се чинеше дека грешат. И сега ќе кажа, дека е рано да се носат заклучоци“, изјави тогаш израелскиот политичар.

Преговорите меѓу Москва и Киев започнаа неколку дена по почетокот на руската офанзива во Украина. Директните преговори меѓу Киев и Москва имаа добар развој до 29-ти март 2022 година до средбата во Истанбул, кога беше најавена и можна средба на двата претседатела. Но потоа мировните преговори нагло замреа, а како што забележуваат и некои украински медиуми, тоа се случува веднаш по ненадејната посета на Киев на британскиот премиер Борис Џонсон и веднаш потоа на тогашниот американски министер за одбрана Лојд Остин.

Но шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушогли уште кон средината на април 2022 година разговор за CNN рече дека мирното решение на војната во Украина го спречуваат „некои земји во НАТО“, кои посакуваат војната што подолго да трае за воено и економски да ја истошти Русија.

„Постојат земји во НАТО кои сакаат војната во Украина да продолжи. Продолжувањето на војната го гледаат како слабеење на Русија. Не им е многу грижа за ситуацијата во Украина“, рече тогаш Чавушоглу чијашто земја има добри односи и со Киев и со Москва и не се придружи на антируските санкции.

Според коментаторот на The New York Times, Дејвид Сангер, во изјава пролетта 2023 година, противници на мировен договор за Украина се тогашната администрација на САД водена од поранешниот претседател Џо Бајден, и наведе дека „кога министерот за одбрана Лојд Остин на крајот од тајната посета на Украина изјави дека целта на Америка е да ја види Русија толку ослабена да повеќе нема моќ да напаѓа соседна држава, ја призна трансформацијата на судирот од битка за контрола над Украина до онаа во која Вашингтон подиректно се спротиставува на Москва“.

„Штом украинските и руските преговарачи по средбата во Истанбул се договорија околу изработката на идниот договор, премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, се појави во Киев без предупредување. Џонсон во Киев донесе две едноставни пораки. Првата е дека Путин е воен злосторник и треба да биде прогонуван, а не да се преговара со него, и втората – ако Украина е подготвена да потпише со него какви и да се гаранциски договори, Британија не е“, објави уште на 5-ти мај минатата година весникот Українська правда повикувајќи се на „извори блиски на Зеленски“.