Зеленски оди во Париз, можна е средба со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе отпатува во Париз за да присуствува на отворањето на катедралата Нотр Дам во сабота, патување што може да го искористи за разговори со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, соопштија два дипломатски извора.

Имаше обиди да се договори средба меѓу Зеленски и Трамп, изјавиле за Reuters два извора. Договорот најверојатно нема да биде постигнат и објавен до последен момент и сите разговори ќе бидат дискретни, додаваат тие.

Украинска делегација се состана со високи соработници на Трамп во средата, рекле два извора запознаени со состанокот, додека Украина бара поддршка од новата американска администрација против руската инвазија. Украинската делегација ја предводел Андриј Јермак, главниот соработник на Зеленски.

Делегацијата се состанала во Вашингтон со советникот на Трамп за национална безбедност Мајк Волц и со идниот специјален претставник за Украина, Кит Келог, изјавил еден од соговорниците, без да даде детали.

Трамп вети дека ќе стави крај на речиси тригодишната војна меѓу Украина и Русија, но не откри досега како планира да го стори тоа.

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе се сретне со Трамп во сабота доцна попладнето во претседателската резиденција, а веднаш потоа ќе се сретне и со Зеленски, соопшти француското претседателство.

Не беше наведено дали Зеленски и Трамп ќе се сретнат во тој момент, иако еден извор рекол дека е можна трилатерална средба.

Секоја средба во Париз би била можност за украинскиот претседател да побара поддршка и да ги процени ставовите на Трамп. Двајцата веќе се сретнаа во Њујорк во септември.

Со оглед на тоа што Франција е во политичка криза по падот на нејзината влада во четвртокот, Макрон се надева дека ќе блесне на меѓународната сцена со спојувањето на двајцата челници и покажување дека Париз има клучна улога во поддршката на Украина и во какви и да се идни преговори, велат дипломатите.