Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата изјави дека неговиот „план за победа“, кој има цел да донесе мир во Украина, да ја одржи земјата силна и да избегне „замрзнување на конфликтот“, сега е завршен по долги консултации.
Зеленски минатиот месец вети дека ќе му го претстави својот план на американскиот претседател Џо Бајден, веројатно следната седмица кога ќе присуствува на седниците на Советот за безбедност и на Генералното собрание при Обединетите нации.
Зеленски не откри детали, туку само посочи дека целта е да се создадат услови прифатливи за Украина, која е во конфликт со Русија повеќе од две ипол години.
„Денеска може да се каже дека нашиот победнички план е целосно подготвен. Дефинирани се сите точки, сите клучни области и сите потребни детални дополнувања на планот“, рече украинскиот претседател во вообичаеното прекуноќно видео- обраќање.
„Најважна работа е решеноста да се спроведе“, додаде Зеленски.
Зеленски рече и дека нема алтернатива за мирот, „нема замрзнување на војната или какви и да се манипулации што ќе ја воведат руската агресија во втората фаза“.
Претседателот во вторникот рече дека средбата со највисоките команданти произвела „добра и силна содржина“ во воена смисла, „токму онаква што може значително да ја зајакне Украина“.
Зеленски го искористил мировниот план што го претстави на крајот на 2022 година како основа за преговори, повикувајќи на повлекување на сите руски сили, обновување на украинските граници од ерата по распадот на Советскиот сојуз и дека Русија мора да одговара за инвазијата.