Зеленски побара од Италија да ги протера „приврзаниците на Путин“

Италија треба да ги укине визите на луѓето со „про-Путин“ ставови за да се осигура дека тие нема да ја нарушат испораката на западната воена помош за Киев, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција во неделата. Тој ги даде овие коментари еден ден по потпишувањето на безбедносен договор со италијанската премиерка Џорџија Мелони за време на нејзината посета на главниот град на Украина.

Новинарот на италијанскиот весник „Кориере дела сера“ го праша Зеленски дали луѓето во Европа кои го поддржуваат рускиот претседател Владимир Путин би можеле да го „комплицираат“ протокот на оружје во Украина.

„Многу сум благодарен на вашата премиерка. Таа е на наша страна и јас сум среќен со договорот што го потпишавме вчера, но во право сте: има многу про-Путин луѓе во Италија. Пред сѐ, мора да им ги откажете визите“, одговори Зеленски. Тој ја повика Италија да обезбеди повеќе оружје, вклучително и противвоздушни ракетни системи.

Киев често ги обвинува своите критичари во Европа и САД, за ширење „руска пропаганда“.

Минатиот месец, украинската амбасада во Рим протестираше против неколку настани посветени на нејзиниот тековен конфликт со Русија. Во еден случај, училиште во регионот Лацио организираше онлајн конференција со училиште од руската Народна Република Луганск, која Украина ја смета за „окупирана територија“.

Украинските дипломати се пожалија и на планираната изложба и конференција во Модена посветена на обновата на градот Мариупол во Донбас, кој беше заземен од Русија во 2022 година по неколкумесечни жестоки борби. Организаторите го опишаа Мариупол како „симбол на народниот бунт против хунтата во Киев“. Градоначалникот го откажа настанот, тврдејќи дека тоа ќе се смета за „отворена поддршка“ за воената операција на Русија во соседната држава.