
Украина ќе победи во војната и победничка Украина ќе биде членка на Европската унија, изјави во четвртокот во Европскиот парламент украинскиот претседател Володомир (Владимир) Зеленски.
„Победничка Украина ќе биде членка на Европската унија“, рече Зеленски обраќајќи се пред пратениците во Европскиот парламент во Брисел. Говорот го започна со паролата „Слава на Украина“, на што според сценариото пратениците му возвратија со „Слава на хероите“, а неговото обраќање го проследија со долготраен аплауз.
Зеленски во своето обраќање зборуваше за „европскиот начин на живеење кој се брани“ во Украина.
„Ако падне Украина, ќе исчезне вашиот начин на живот. Бранејќи се себеси, ние ве браниме вас. Ние Украинците се браниме на бојното поле заедно со вас, се браниме од најголемата антиевропска закана во модерниот свет“, тврдеше Зеленски.
Тврдеше натаму и дека „рускиот режим не се бори само за територија, туку и за уништување на вредностите на Европа, европскиот начин на живот“ и дека гледа на 140-те милиони Руси „како на топовско месо, потенцијални носачи на пушки“,
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Метсола се зазема за тоа на Украина да ѝ бидат испорачани артилериски системи со долг дострел и борбени авиони според западни технологии. Тоа може да значи дека таква одлука е веќе донесена, во заднината на постојаните помали напредување на руските трупи на фронтот, и предвидувањата дека се очекува голема руска офанзива.
„Вие морате да победите и државите членки на ЕУ мора брзо како свој следен чекор да го разгледаат испраќањето системи со долг дострел и авиони кои ви се потребни за одбрана на слободата“, рече Метсола.
Од крајот на минатата година украинските функционери редовно при нивните посети на западните сојузници бараат проектили со дострел од 300 километри за да гаѓаат цели, како што тврдат, во длабочината на териториите кои се под руска контрола вклучително и полуостровот Крим, но на Запад, особено во континентална Европа, постои стравување и дилема дека тоа ќе бидат поткревање на ескалацијата на војната на ново ниво.
Претходно во средата вечерта руската амбасада во Велика Британија во врска со разговорите за снабдување на Украина со борбени авиони издаде соопштение во кое предупредува дека Русија ќе „пронајде одговор на секој непријателски чекор“ каков што ќе го смета решението на Лондон да ги оствари таквите испораки.
„Би сакале да ги потсетиме функционерите во Лондон: во таков случај, ‘крвавата жетва’ во следната спирала од ескалацијата ќе биде на вашата совест, како и воените и политичките последици за европскиот континент и целиот свет“, предупреди дипломатската мисија на Русија во Обединетото Кралство.
Метсола, исто така, без да споменува критериуми, изјави и дека „иднината на Украина е во ЕУ“, дека Брисел е подготвен да ја помага „колку да биде потребно“. „Вие мора да победите, а нашиот одговор мора да биде сразмерен на заканата“, рече Италијанката.