Украина ќе ја „порази“ Русија, изјави во саботата украинскиот претседател Володимир Зеленски, во време кога Украина, ослабена влегува во третата година од војната, помошта од сојузниците постепено „пресушува“ а руската воена машинерија напредува.
„Се бориме за тоа. Веќе 730 дена. И ќе победиме… и тоа ќе биде најдобриот ден во нашите животи“, рече Зеленски во говорот на воениот аеродром Гостомел во близина на Киев, местото кое меѓу првите го зазамеа руските десантни единици веќе во раните денови од инвазијата која започна на 24-ти февруари 2022 година, а од него се повлекоа кон крајот на март, како што велат од Москва и некои упатени странски извори, откако во Истанбул бил речиси постигнат договор за потпишување мир од кој веќе на почетокот од април се откажа Киев.
Рускиот претседател Владимир „Путин мора да изгуби апсолутно сѐ, како овде во Гостомел“, рече Зеленски.
До него стоеја претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, италијанската премиерка Џорџа Мелони, канадскиот премиер Џастин Трудо и белгискиот премиер Александар де Кро, кои допатуваа во Украина по повод одбележувањето на втората годишнина од инвазијата.
Во попладневните часови, Мелони треба да претседава со виртуелен состанок на земјите-членки на Г7 за Украина од храмот „Света Софија“ во центарот на Киев/ Ќе биде присутен и претседателот Зеленски, а ќе се разговара за нови санкции против Москва.
Врховниот командант на украинската армија, инаку Русинот Александар Сирски, рече дека и покрај тешкотиите, тој е „убеден дека украинската победа е во единството“. „Светлината секогаш ја победува темнината!“, напиша тој на Telegram.
Во меѓувреме, руската армија напредува на западот и на истокот на земјата во близина на Маријинка, област која Киев сега ја нарекува „жешка точка“.
За време на посетата на руските војници на боиштето во Украина, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојку изјави дека „предноста е на руската страна“. Ова беше објавено во саботата во соопштение за печатот на руската армија, во кое се наведува и дека руските сили ја продолжуваат офанзивата по заземањето на Авдиевка.
Француската агенција AFP, извести дека во саботата наводно руската армија уапсила неколку лица во Москва, меѓу кои и новинари, присутни на собир на сопруги на мобилизираните руски војници кои бараат од Украина да се вратат дома.