Украинскиот претседател Влодимир Зеленски во понеделникот ги повика светските сили „да ја принудат Русија на вистински мировни преговори“ и да ги постави сопствените услови за продолжување на разговорите.
Неговите забелешки следат по извештаите дека американските власти ја притискаат Украина да покаже подготвеност да се вклучи во дијалог со Москва.
„Уште еднаш: враќање на територијалниот интегритет, почитување на Повелбата на ОН, компензација за секоја воена штета, казнување на секој воен злосторник и гаранции дека тоа нема да се повтори. Тоа се сосема разбирливи услови“, рече тој во видео обраќањето.
Американските медиуми претходно тврдеа дека Белата куќа барала од високите украински функционери да покажат дека е отворена за мировни преговори. „Вашингтон пост“ објави, цитирајќи свои извори, дека целта на САД не била да ја натераат Украина да преговара за крај на борбите, туку да ја ублажи загриженоста на странските поддржувачи за долгиот конфликт.
Претходно, Зеленски изјави дека неговата единствена цел во конфликтот е да ја победи Русија на бојното поле и да ја врати контролата врз сите територии за кои Киев смета дека се под негов суверенитет.
Во октомври, Зеленски потпиша декрет, со кој се забрануваат какви било преговори со рускиот претседател Владимир Путин и изјавувајќи дека Киев ќе разговара со Москва само кога ќе има различен лидер.
Русија, пак, изјави дека е отворена за разговори, откако преговорите со Киев пропаднаа во март во Истанбул. Москва го обвини Киев дека го поткопува секој потенцијал за мирно решавање на кризата.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков неодамна изјави дека Москва не гледа можност за разговори, бидејќи Киев „го претвори во закон непродолжувањето на какви било преговори со руската страна“.
Претходно, Песков рече дека разговорите за украинскиот конфликт треба да се водат, првенствено, со Соединетите држави, бидејќи сите договори со Киев, „врз основа на она што се случи во март“, се „безвредни“ и можат веднаш да бидат откажани „по наредба“ од надворешни актери.