Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата ги повика западните партнери на Украина да најдат политичка волја да му ги обезбедат на Киев потребните воени резерви или светот ќе се соочи со „една од посрамните страници на историјата“.
Зеленски го испрати апелот во време кога американскиот пакет воена и друга помош е блокиран поради несогласувања во Конгресот.
Како што војната влегува во третата година, руските сили прават напредок на повеќе од 1.000 километри долгата линија на фронтот, иако борбените линии малку се променија последните месеци.
Видно лутиот Зеленски во вообичаеното прекуноќно видео-обраќање рече дека светот мора „цврсто да реагира“ за да се осигура дека војната ќе стане „безнадежен“ потфат за рускиот претседател Владимир Путин, „кој сака само војна и смрт“.
„Тие мора максимално да почувствуваат дека постои сила која ги уништува оние кои го уништуваат животот. Ние можеме да се погрижиме за тоа. Секој од нашите партнери знае што е потребно“, рече тој.
„Главната работа е политичката волја да се случи ова, да се обезбедат залихи кои ќе бидат корисни. Ако ова не е случај, тоа ќе биде една од најсрамните страници во историјата, доколку Америка и Европа загубат од иранските ‘Шахед’ (дронови за кои Западот тврди дека ѝ се испорачани на Русија) или руски борбени авиони“, рече Зеленски.
Украина, рече тој, „чека залихи кои се клучни и ние чекаме, особено на американската одлука. Навистина е потребна поддршка“.
Претставничкиот дом на САД е под притисок да го усвои пакетот за национална безбедност вреден 95 милијарди долари, кој ќе обезбеди помош за Украина и Израел, како и Тајван. Предлог-законот беше одобрен од Сенатот минатиот месец со гласови од 70 „за“ и 29 „против“, но претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон се противи на испраќање на нацрт-законот за помош во Претставничкиот дом на гласање затоа што тој не ја содржи за неговите републиканци најважната одредба – издвојување за зајакнување на границата кон Мексико преку која изминатите на години во САД влегле речиси десет милиони нелегални мигранти.