Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата пристигна во јапонскиот град Хирошима, каде што се одржува самитот на групата Г7 на најразвиените индустриски земји во светот, за да се сретне со „партнерите и пријателите на Украина“ и да добие нова поддршка за Украина во справувањето со руската инвазија.
Самитот на Г7 во Хирошима доаѓа во време кога нејзините членки се соочуваат со огромен притисок поради руската инвазија во Украина и тензиите со Кина, особено околу Тајван.
Зеленски, облечен во карактеристична маслинесто зелена облека, излезе од авионот на француската влада и брзо се качи во автомобил, според снимката што ја објави јапонската телевизија.
„Јапонија. Г7. Важни средби со партнерите и пријателите на Украина“, напиша тој набргу потоа на социјалната мрежа Twitter.
Украинскиот претседател пристигна во Хирошима откако членките на Г7 предупредија дека државите кои се обидуваат да ја користат трговијата како оружје ќе се соочат со „последици“, испраќајќи силен сигнал до Кина поради практиката што Вашингтон долго време ја нарекува економска злоупотреба.
Француските и европските претставници рекоа дека е клучно Зеленски лично да дојде прво на состанокот на Арапската лига, а сега и на Г7, на кој присуствуваат земји од ткн глобалниот Југ, за да ја претстави позицијата на Украина како жртва на руската агресија и неговиот сопствен став за идниното мировно решение.
„Мораме да ги искористиме сите средства за да ги убедиме неврзаните држави да го бранат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, изјави за новинарите функционер на францускиот претседател, алудирајќи на тоа што мноштвото земји освен во Северна Америка, Африка и Азија се воздржаа да се придружат на осудата на руската инвазија и да воведат санкции.
Зеленски ќе има билатерални средби со лидерите на земјите членки на Г7, но и со лидерите на Индија и Бразил, двете земји кои се во групата БРИКС со Кина и со Русија, а кои не се дистанцираат од Москва. Во недела, украинскиот претседател ќе одржи седница со групата Г7 пред пошироката седница со земјите од такнаречениот Глобалниот Југ.