
Украинскиот претседател Владимир (Володомир) Зеленски изјави во саботата дека руското претседателствување со Советот за безбедност при Обединетите нации е „апсурдно“ и „ја покажува целосната пропаст“ на светската организација.
Секоја од 15-те постојани и непостојани членки на Советот за безбедност на светската организација по принципот на ротација го презема претседавањето со телото на период од еден месец. Русија последен пат претседаваше со Советот за безбедност во февруари 2022 година, кога ја започна, како што ја нарекува „специјална воена операција“ во Украина за која вели дека има цел да го заштити тамошното руско и рускојазично население од украинска офанзива и да ја демилитаризира соседната земја поради сопствената безбедност.
Претходно во саботата украинските функционери, откако на нивните повици да се спречи претседавањето на Русија се оглушија западните покровители на Киев, во прв ред САД, жестоко реагираа нарекувајќи ја процедуралната едномесечна должност „најлоша првоаприлска шега“ и „шлаканица за меѓународната заедница“.
САД во четвртокот ја повикаа Русија да „постапува професионално“ кога ќе ја извршува должност и порачаа дека нема да ја блокираат. Москва во петокот преку амбасадорот при ОН, Василиј Небензја, во интервјуто од петокот порача дека планира да организира неколку дискусии, вклучително и онаа за контрола на вооружување. Небензја, исто така, истакна дека ќе се дискутира за „новиот светски поредок“ којшто „ќе го замени униполарниот“, за што зборуваше и кинескиот претседател Кси Џинпинг, при неговата неодамнешна тридневна државна посета на Москва.
„За жал, тоа се … очигледно апсурдни и разорни вести… Руските бомби во петокот убија петмесечно момченце… А истовремено Русија претседава со Советот за безбедност на ОН. Тешко е да се замисли нешто поапсурдно што ја илустриран целосната пропаст на таквите институции“, тврдеше Зеленски во редовното ноќно обраќање преку социјалните мрежи.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски минатата година зборуваше дека Советот за безбедност при ОН би требало да биде реформиран или да биде расформиран, обвинувајќи го телото дека не преземало доволно мерки за да ја спречи руската инвазија. Тоа тело, исто така, не преземаше никакви акции и кога САД, Велика Британија и Франција, исто така, постојани членки со право на вето, заедно изведуваа инвазии во СР Југославија, Ирак, Авганистан, Либија, Сирија…
„Време е за општо преобразување на глобалните институции, вклучително и на Советот за безбедност (на ОН). Реформата е очигледно неопходна за да се спречи терористичка држава и која и друга држава која сака да стане терористичка – да го уништи мирот“, продолжи Зеленски.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба претходно во саботата оцени дека руското претседавање е „најлошата првоаприлска шега некогаш“ и „силен потсетник дека нешто не е во ред со начинот на функционирање на меѓународната безбедносна архитектура“.
Советникот на украинскиот претседател Михајло Подолјак порач дека наводно станува збор за „уште едно силување на меѓународното право… Ентитет кој води агресивна војна, ги крши нормите на хуманитарното и меѓународното право, ја уништува Повелбата на ОН, ја негира нуклеарната безбедност, не може да го води клучното светско безбедносно тело“.