Полноправното членство на Украина како и целосната европска интеграција на вашите држави е историско зајакнување на Европа и целосно демонтирање на руската способност да не победи поединечно. Потребен ни е позитивен одговор на нашата и на вашата европска перспектива и благодарен сум што работиме на таа цел заедно, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќањето на сесијата на високо ниво „Што после војната во Украина?“, во рамки на Преспа форумот за дијалог што се одржува денеска и утре во Охрид.
Тој нагласи дека за Украина ова е најстрашниот воен предизвик и оти украинскиот народ се брани веќе 113-ти ден од, како што рече, руските амбиции да го уништат украинскиот народ и култура.
Тој оцени дека сериозна дискусија за безбедносна архитектура во Европа мора да биде базирана на потребата да се ослободи од зависноста што руската држава ја прави со децении.
„Безбедноста е невозможна без тоа и затоа се потребни санкции за антиевропската политика на Русија. Ова треба да се земе предвид при подготвувањето на седмиот пакет санкции на ЕУ. Треба да разбереме дека санкциите станаа дел од европската безбедносна архитектура. Тие имаат за цел мир и стабилност ограничувајќи ја способноста на Русија да ја прошири агресијата, оцени Зеленски, кој се обрати како специјален гостин на Преспа форумот.