Американскиот претседател Џо Бајден следната седмица во Белата куќа ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопшти во четвртокот администрацијата во Вашингтон.
Зеленски планира да се сретне со Бајден следната седмица во четврток, а исто така ќе има одвоени разговори со американската потпретседателка и кандидатка за претседател на Демократската партија, Камала Харис.
Зеленски неодамна ја навести можноста повторно да се сретне со Бајден во Вашингтон и најави дека сака на американскиот претседател да му го претстави својот „план за победа“ во војната против Русија.
Неговата канцеларија и официјално го објави планираното патување во четврток. Зеленски прво треба да се обрати на Генералното собрание на Обединтетите нации во Њујорк и да разговара на маргините на настанот.
Покрај средбите со Бајден и Харис во Вашингтон, се очекува тој да се сретне и со членови на Конгресот, како и со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, кој ќе се соочи со Харис на изборите на 5 ноември.
Зеленски, исто така, сака да се сретне со претставници на американските производители на оружје и енергетски компании, се вели во соопштението.