Зеленски со видео порака во ЕП повика на фер и праведен крај на војната во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска повика да се стави крај на војната во Украина на „фер и праведен“ начин и оцени дека рускиот претседател Владимир Путин нема да застане сам.

Во видео порака емитувана на специјалната пленарна седница на Европскиот парламент, по повод 1.000 дена од почетокот на војната во Украина, Зеленски предупреди дека контингентот севернокорејски војници во Русија, на границите со Украина, може да достигне 100.000.

-Рускиот претседател Владимир Путин донесе 11.000 севернокорејски војници на границите на Украина. Овој контингент може да порасне до 100.000, рече Зеленски, оценувајќи дека Путин е фокусиран на победа во војната.

„Сам нема да запре. Колку повеќе време има, условите се влошуваат“, рече Зеленски, додавајќи дека без одредени клучни фактори, на Русија „ќе и недостасува вистинска мотивација да се вклучи во значајни преговори“.

Украинскиот претседател оцени и дека „секој удар и секоја закана од Русија мора да бидат одговорени со цврсти санкции“.

-Илјада дена беа потребни за клучно радикално да се намали способноста на Русија да ја финансира својата војна со продажба на нафта. Нафтата е извор на моќта за режимот на Путин. А флотата на танкери во сенка е она што го одржува во живот. Се додека овие танкери работат, Путин продолжува да убива, рече тој.

Зеленски истакна дека се неопходни силни санкции против Русија.

Во исто време, тој го обвини Путин дека ги цени само парите и моќта.

-Ако некој во Европа мисли дека може да ја продаде Украина на Москва или на која било друга земја како балтичките земји или Балканот, Грузија, Молдавија и да добие нешто за возврат, нека се сети на оваа едноставна вистина: никој не може да ужива во мирните води во среде бура. Мораме да направиме се за да ја завршиме оваа војна чесно, праведно и заедно, рече Зеленски.

Зеленски рече дека Украина, цела Европа и украинските партнери во САД и во светот успеале не само да го спречат Путин да ја окупира Украина, туку и да ја одбрани слободата на сите европски народи.

-Дури и со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун покрај него, Путин останува помал од обединетите сили на Европа, рече тој, а исто така, додаде дека „ако можеме да го запреме падот на европскиот начин на живот, тогаш сигурно можеме да ја турнеме Русија кон праведен мир“.

https://twitter.com/ZelenskyyUa/status/1858767224271442077

„Мирот е тоа што најмногу го сакаме“, заклучи Зеленски, чие обраќање беше проследено со аплауз во Европскиот парламент.