![zelenski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/12/zelenski-2.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
Украинскиот претседател Володомир Зеленски изјави во вторникот дека ситуацијата на истокот на земјата е „исклучително тешка“, каде што руските сили последните речиси два месеца бележат бавни но континуирани напредувања а особено последните месеци, во прв ред во обидите за заземање на градот Бахмут каде и двете завојувани страни ангажираат значителен број војници.
„Ситуацијата на боиштето и натаму е исклучително тешка, во прв ред во Доњецкиот и Луганскиот регион. Таму буквално се води битка за секоја педа украинска земја“, рече Зеленски во своето вообичаено ноќно видео-обраќање.
Украинската војска во двата југоисточни региони всушност контролира малку од територијата главно области на рабовите од поранешните административни граници пред по превратот во Киев во 2014 година тамошното руско и руско јазично мнозинство да прогласи независност од Украина, а ланскиот септември со референдуми кои не се меѓународни признати да изгласа присоединување на Русија.
Зеленски тврди дека Москва брза да ги оствари целите кои ги зацртала во новата офанзива пред Киев да го добие новото напредно оружје што му го ветија западните покровители.
„Поради тоа брзината е пресудна. Брзината во сѐ, усвојување на одлуките, спроведување на одлуките, испраќањето на залихите, обуките. Брзината спасува животи“, всушност ги повтори Зеленски зборовите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, искажани ден претходно.
Зеленски им се заблагодари на западните сојузници и на нивните ветувања за дополнително вооружување на украинската војска со испораки на тенкови, артилерија, проектили, разни видови муниција, оклопни борбени возила, противвоздушни системи, ракети со долг дострел до 300 километри… Во вторникот во седиштето на НАТО во Брисел се одржа состанокот на контактната група земји кои воено ја поддржуваат Украина во нејзината војна против Русија, на која присуствуваше и украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников, за кого минатата седмица беше објавено дека ќе биде сменет од позицијата.
Претходно во вторникот руското Министерство за одбрана во дневниот брифинг за медиумите најави дека во борбите во изминатите 24 часа само во две области во Луганск и Доњецк биле убиени 170 украински војници, а биле нападнати и позиции на украинската војска во Харковската област, позападно.