Зеленски: Секој договор со Русија ќе биде ставен на референдум

Навестувајќи го напредокот во разговорите со Русија, украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот рече дека секој „историски“ компромис за кој се договориле неговите преговарачи ќе биде предмет на одобрување од целата земја на референдум.

„Им објаснив на сите преговарачки групи: кога зборувате за сите овие промени, а тие можеби се историски, ќе одиме на референдум“, изјави Зеленски за украинската јавна телевизија во интервјуто.

„Народот ќе го каже својот збор и ќе ги даде своите одговори за некакви или онакви компромиси“, додаде претседателот.

Зеленски одговараше на прашање за барањата на Русија за безбедносни гаранции за двете републики во Донбас и за признавање на Крим – полуостровот што гласаше за приклучување кон Русија во 2014 година, за кој Киев и Западот продолжуваат да го сметаат за украинска територија.

Претходно истиот ден, Русија ја отфрли понудата на Зеленски за директна средба со претседателот Владимир Путин, велејќи дека разговорите „не постигнале значителен напредок“.

„За да зборуваме за средба меѓу двајцата претседатели, треба да се завршат домашните задачи. Мора да се одржат разговори и да се договорат нивните резултати“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Русија, исто така, ги отфрли повиците за прекин на огнот, велејќи дека таквите паузи ги користел Киев за да се прегрупира и да изврши напади врз своите војници.

Понеделникот беше првата прилика во која Зеленски ја покрена идејата за референдум откако Москва испрати војници во Украина пред речиси еден месец. Уште во декември, по повикот со францускиот претседател Емануел Макрон, тој рече дека „нема да исклучи референдум“ на сите Украинци во врска со спорните републики во Донбас, Крим, „и можеби, воопшто, за запирање на војната“ што беше во тек на истокот на земјата од 2014 година.