Зеленски: Треба да се признае дека Украина нема да може да му пристапи на НАТО

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во вторникот порача дека „треба да се признае“ дека Украина нема да може да му пристапи на НАТО, пренесува агенцијата AFP којашто потсетува дека тоа е едно од прашањата коишто ги постави Русија за преговорите со Киев и како оправдување за својата воена интервенција во соседната земја.

„Со години слушавме за наводно отворените врати, но веќе слушнавме дека не можеме да влеземе таму. Тоа е вистината, и ова мора да си го признаеме“, изјави Зеленски во текот на видео-конференцијата со челниците од земјите во ткн Здружени експедициски сили, коалиција којашто ја предводи Велика Британија.

Британскиот премиер Борис Џонсон беше во вторникот домаќин на лидерите во Здружените експедициски сили (Joint Expeditionary Force -JEF), претставена како северноевропска безбедносна коалиција во којашто покрај Обединетото Кралство се и Данска, Финска, Естонија, Исланд, Латвија, Литванија, Холандија, Шведска и Норвешка.

Зеленски уште еднаш го повика НАТО да воспостави зона на забранети летови над Украина, но додаде дека Киев разбира до какви последици тоа може да доведе.

Истовремено, украинскиот претседател како „самохипноза“ ги опиша стравовите на членки на Алијансата од заканата за Трета светска војна, што се користи како отфрлање на неговото барање, меѓу кои е и американскиот претседател Џо Бајден кој повеќепати го спомена таквиот развој на настаните доколку САД или НАТО директно се конфронтираат со руската војска во украинскиот судри.

Зеленски на овој виртуелен состанок рече дека сфаќа оти за Украина не се отворено вратите во членството во НАТО и затоа предлага независен начин на кој би се заштитила себеси, под услов да добие безбедносни гаранции.

„Ако не можеме да влеземе низ отворената врата, тогаш мораме да соработуваме со асоцијациите со коишто можеме, коишто ќе ни помогнат, ќе нѐ заштитат (….) и ќе добиеме посебни гаранции“, рече Зеленски во видео пораката.

Украинскиот претседател, исто така, рече дека Членот 5 од договорот за НАТО, кој зборува за колективната солидарност во случај на напад на некоја земја членка, е „послаб од кога и да е претходно“.